Пијанечката „Копачка“ ќе заигра на улиците на Загреб по речиси 50 години
- Здружението Фолклорна група „Копачка“ с. Драмче, Делчево, годинава е македонскиот претставник на 59. издание на Интернационалниот фолклорен фестивал во Загреб, Хрватска, што ќе се одржи од 17 до 21 јули. Фестивалот оваа година е посветен на 1100 години од основањето на Хрватското кралство, со одлука на Хрватскиот парламент.
Делчево, 16 јули 2025 (МИА) – Здружението Фолклорна група „Копачка“ с. Драмче, Делчево, годинава е македонскиот претставник на 59. издание на Интернационалниот фолклорен фестивал во Загреб, Хрватска, што ќе се одржи од 17 до 21 јули. Фестивалот оваа година е посветен на 1100 години од основањето на Хрватското кралство, со одлука на Хрватскиот парламент.
Во рамки на турнејата како што информираше претседателката на здружението Перса Стојановска Фолклорната група „Копачка“ која е носител на изворното оро „Копачката“, впишано во репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО, ќе има осум концертни настапи на различни локации во Загреб.
-Членовите ќе го презентираат фолклорното богатство на Пијанечкиот крај преку песни, ора и обичаи од нивниот оригинален репертоар. Во рамки на фестивалската програма, групата ќе учествува и на панел-дискусија во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб на тема: „Нематеријална култура и идентитет: Хрватски и македонски елементи на листите на УНЕСКО“, истакна Стојановска.
На фестивалот учествуваат фолклорни ансамбли од Костарика, Грузија, Франција, Италија и Бугарија, вклучително и познатите „Бистрички баби“, со кои „Копачка“ имала заеднички настап во Скопје пред 12 години
-Меѓу учесниците ќе бидат: м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, Весела Честоева и Ивона Опетческа Татарчевска од Министерството за култура на РСМ, д-р Мирела Хроватин и д-р Твртко Зебец, директор на фестивалот и експерт за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, информираа од ЗФГ ,,Копачка".
Како што додадоа тие организаторите изразиле особена чест и задоволство што по речиси 50 години, на фестивалската сцена повторно ќе настапи Фолклорната група „Копачка“ с. Драмче, Делчево, која со својата уметност ќе ја претстави општина Делчево и Република Македонија на еден од најреномираните европски фолклорни фестивали. вс/
Фото: МИА