• недела, 22 декември 2024

Писториус: И Германија размислува за забрана на испораки на оружје за Израел

Писториус: И Германија размислува за забрана на испораки на оружје за Израел

Берлин, 10 мај 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изјави дека и Берлин размислува за слични чекори по американската закана дека ќе запрат со дополнителни испораки на оружје за Израел, доколку нивната армија изврши голем напад врз градот Рафа, во јужниот дел на Газа.

-Ова во моментов се разговара, изјави синоќа министерот за германскиот медиум ЗДФ. Меѓутоа, одговорноста за тоа е во рацете на канцеларот Шолц и на Министерството за надворешни работи, додаде тој.За ова се разговарало „зад затворени врати“.

Израелските операции во Рафа во моментов се главно ограничени на источниот дел на градот, каде на почетокот на неделата беше издадена наредба за евакуација.

САД се главниот поддржувач на Израел, но претседателот Џо Бајден се закани дека дополнително ќе ги прекине испораките доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху започне голема офанзива. Израел вели дека целта на операцијата Рафа е да се елиминира палестинската екстремистичка организација Хамас.

По состанокот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во средата, Писториус повика на спречување на натамошна ескалација на војната во Газа, при што двајцата се согласија дека мора да се направи сè за да се ублажи или стави крај на хуманитарната беда на палестинското население во Појасот Газа.

Писториус изјави дека од клучно значење за Израел е „да продолжи да се фокусира на деескалација“ во конфликтот.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан