• недела, 22 декември 2024

Писториус: Балтикот е клучен за безбедноста на Европа, Русија претставува закана

Писториус: Балтикот е клучен за безбедноста на Европа, Русија претставува закана

Берлин, 21 октомври 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ја нагласи важноста на Балтичкиот регион за европската безбедност при отворањето на новото тактичко поморско седиште во пристанишниот град Росток, пренесува ДПА.

Писториус изјави дека стратешкото значење на Балтикот стана уште поочигледно по започнувањето на целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година, што доведе до зголемени тензии со НАТО.

Русија има пристаништа на Балтикот во ексклавата Калининград и околу Санкт Петербург. Морето е опкружено со земји членки на НАТО, вклучувајќи ги и новите членки на Алијансата, Шведска и Финска.

Писториус денеска истакна дека рускиот претседател Владимир Путин не ја води својата војна само против Украина. - Неговиот вистински непријател е нашиот слободен, независен и демократски начин на живот, рече Писториус на отворањето на новото тактичко седиште на германската морнарица во Росток.

- Безбедноста на Балтичкиот регион е нераскинливо поврзана со безбедноста на Европа во целина, додаде тој.

Германија, која има најголема морнарица во рамките на НАТО во регионот, на 1 октомври презеде регионална водечка улога.

Седиштето во германскиот пристанишен град – наречено „Командант на Балтичката оперативна група“ – е одговорно за планирање на поморските операции и вежби, како и за водење на морнаричките сили што ги доделува НАТО во мирновреме, криза и војна.

Регионалната оперативна група е водена од Германија, но е составена од персонал од уште 11 сојузнички земји.

Инвазијата на Русија врз Украина ги зголеми стравувањата од понатамошна руска агресија. Балтичкото Море е важен снабдувачки пат за НАТО и има клучно економско значење за соседните сојузнички земји, потсетува ДПА.

НАТО предупреди на систематско шпионирање на инфраструктурата и други потенцијални закани во регионот од страна на Русија.

Писториус истакна дека објектот во Росток не е ново седиште на НАТО и дека тоа не е прекршување на т.н. Договор „Два плус четири“.

Договорот од 1990 година, кој го отвори патот за повторно обединување на поделена Германија по крајот на Студената војна, беше потпишан од Соединетите Американски Држави, Франција, Обединетото Кралство и Советскиот Сојуз. ссм/

фото: архива

Остани поврзан