• понеделник, 23 декември 2024

Писмено барање до Советот на Кавадарци за расправа за најавената инвестиција во центар за преработка на отпадна гума 

Писмено барање до Советот на Кавадарци за расправа за најавената инвестиција во центар за преработка на отпадна гума 

Кавадарци, 9 август 2024 (МИА) - Двајца советници, членови во Советот на Општина  Кавадарци, денеска доставија писмено барање до претседателот на Советот Стојанчо Рамов, да свика седница, на која ќе се расправа околу најавената намера на инвеститор, за инвестиција во регионален центар за рециклирање и третман на отпадна гума. Се работи за советниците Вуко Мелов и Павле Маневски, од советничката група на СДСМ. 

- Деновиве сме сведоци на барање на одреден инвеститор за изградба на центар за рециклирање на отпадна гума. Од она што ни е презентирано на презентацијата и во рамки на студијата, во овој центар за рециклирање, би се обработувале околу 12.000 тони гума годишно во Кавадарци. Со ова целата отпадна гума од Македонија, а можеби и пошироко би ни ја носеле на рециклирање овде во Кавадарци, рече Мелов. 

Тој се осврна и на процесот на рециклирање на отпадна гума. 

- Планираниот процес на рециклирање е т.н процес на пиролиза, односно горење на високи температури, без присуство на воздух, што предизвикува катастрофални последици по здравјето на луѓето бидејќи доведува до појава на повеќе од 200 соединенија, од кои најопасни се диоксионот и фуранот, кои се канцерогени. 

Истите водат кон трајни нарушувања на имунолошкиот, нервниот, ендокриниот систем и репродуктивните функции, додаде Мелов.

Тој нагласи дека ситуацијата е алармантна. 

- Заради алармантноста на состојбата како и поради даденото позитивно мислење од страна на Општина Кавадарци за изведување на овој проект, за изградба на компанија за рециклирање на отпадна гума, бараме од страна на претседателот на Совет на Општина Кавадарци, итно свикување на седница на Совет на Општина Кавадарци, со цел Советот да расправа во однос на ова прашање и за истото да се произнесе со донесување на заклучоци. Нашиот став како советничка група во однос на оваа инвестиција е јасен. Ние нема да поддржиме ваков проект, инвестиција која директно е на штета на животната средина, на здравјето на граѓаните, подвлече Мелов. 

Во меѓувреме, кавадарчани собираат потписи на градскиот плоштад, против најавената намера за инвестиција во Г-1 индустрија.

Денеска повторно реагираа и од Левица Кавадарци. 

- Никој не може да гарантира дека производите или полупроизводите од оваа фабрика нема да завршат како гориво или материјал во индустрискиот комбинат ФЕНИ или други топилници. Во корумпиран систем и држава како Македонија, каде инспекциските надзори се оскудни, а инспекторите поткупливи, не постои никаква гаранција дека оваа фабрика ќе се придржува до еколошките стандарди. Историјата нè научила дека ваквите ситуации водат кон екоцид, додека одговорните остануваат неказнети, рекоа од Левица. 

И оттаму се осврнаа на ризиците. 

- Доколку овие материјали бидат употребени како гориво во топилниците, тоа може да доведе до испуштање на опасни хемикалии и тешки метали во воздухот. Последиците од ваквото загадување се долготрајни и потенцијално фатални за околните заедници. Интензивната употреба на овие материи во топилниците може да предизвика сериозни здравствени проблеми за локалното население, вклучувајќи респираторни заболувања, карцином и други хронични болести. Овие ризици не можат и не смеат да се игнорираат, додадоа од Левица, нагласувајќи дека нема да дозволат, како што рекоа,  граѓаните на Кавадарци да бидат изложени на ваква закана. 

- Ги повикуваме локалното население и сите засегнати страни да се обединат и да ја спречат оваа потенцијална еколошка катастрофа, рекоа од Левица. свд/дма/


Фото : МИА

Остани поврзан