• недела, 29 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Пехчевскиот градоначалник Китански ја посети фабриката Росенбауер во Словенија

Пехчевскиот градоначалник Китански ја посети фабриката Росенбауер во Словенија

Пехчево, 13 април 2025 (МИА) - Градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, оствари работна посета на фабриката Росенбауер во Горна Радгона, Република Словенија која е водечки европски и светски производител на противпожарни возила и опрема.

За време на посетата, како што соопшти Китански, беа презентирани најновите технологии и иновации во областа на противпожарната заштита, како и потенцијалите за идната соработка и набавка на современа опрема и противпожарно возило наменети за Доброволното противпожарно друштво – Пехчево.

-На средбата ја нагласив клучната важност на вложувањето во безбедносната инфраструктура, како и обезбедувањето на модерни средства за интервенција – со цел ефикасна, навремена и професионална заштита на животите и имотот на граѓаните, истакна Китански. 

Изрази благодарност до тимот на Росенбауер Словенија за топлиот прием, одличната организација и деталната презентација на нивната напредна опрема, порачувајќи дека безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет на Општината.

Претходниот ден градоначалникот на Пехчево, Александар Китански ја посети и регионалната депонија CEROP – Република Словенија, каде што беше примен од заменик директорот Тања Багар и директорот за развој Роберт Сочиќ.

-Целта на посетата беше размена на искуства и согледување на современи и еколошки решенија за управување со отпадот, кои би можеле да се применат и кај нас. Разговаравме за одржливи практики, зелени технологии и можности за идни соработки, додаде Китански.

Со ова, како што посочија од Општината, Китански ја завршува официјалната посета на Република Словенија. вс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан