Пет години од смртта на Кирил Ценевски
- Точно пет години навршуваат денеска од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите синеасти на македонската кинематографија, соопштија од Кинотека.
Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Точно пет години навршуваат денеска од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите синеасти на македонската кинематографија, соопштија од Кинотека.
Како што потенцираат од Кинотеката, неговиот првенец и дебитантски игран филм „Црно семе“ од 1971 година постави нови параметри во филмското творештво и своевремено беше најнаградуван македонски филм - „Златна арена“ за режија и „Златен венец“ за дебитанско остварување на Пулскиот фестивал, „Жар-птица“ за најдобар режисер на Московскиот фестивал, а во 1972 година беше и југословенски кандидат за американската филмска награда „Оскар“.
Ценевски е роден во Крива Паланка во 1943 година. Првпат професионално на филм е ангажиран како помошник на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970). По „Црно семе“, Ценевски во 1975 година го снима „Јад“, повторно со Дарко Дамески во главната улога и Љубе Петковски зад камерата, досега единствен македонски филм со средновековна тематика.
Ценевски за „Вардар филм“ изработува серија документарни филмски портрети на добитниците на „Златниот венц“ на Струшките вечери на поезијата. Тоа се филмовите за Леополд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафел Алберти и Ежен Гилвик, сите по сценарио на поетот и тогашен директор на „Варадр филм“, Анте Поповски, снимени се на повеќе локации во светот – Дакар, Струга, Милано, Париз, Охрид, Џенова, Буенос Аирес, Рим, итн.
„Јазол“, послениот игран филм кој Ценевски го сними во 1985 година е повторно историска драма, овој пат од времето на Втората светска војна, со мартовската депортација на македонските Евреи во 1943 година како кулминација на драмскиот заплет.
Кирил Ценевски беше добитник и на награди со кои домашната културна јавност го валоризира неговото творештво - Државната награда „11 Октомври“ во 1972, „Златниот објектив“ на Кинотеката во 2013 година за посебен придонес во развојот на македонската кинематографија, како и „Златната ѕвезда на македонскиот филм“, истата година, доделена од Друштвото на филмски работници во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2019 година Кинотеката објави ДВД издание со четирите дигитално реставрирани играни филмови на Ценевски.бт/лв/
Фото: Кинотека