Пет години од референдумот за Брегзит
- Најновата анкета на Институтот „Саванта Комрес“ покажува дека во моментот 51 процент од Британците би гласале за останување во ЕУ, а 49 отсто би биле против
Лондон, 23 јуни 2021 (МИА) - Пет години по референдумот за Брегзит на кој Британците одлучија да излезат од Европска Унија, поделбите остануваат, а се чувствуваат и последиците.
Најновата анкета на Институтот „Саванта Комрес“ покажува дека во моментот 51 процент од Британците би гласале за останување во ЕУ, а 49 отсто би биле против.
По повод петгодишнина, премиерот Борис Џонсон ги посочи предностите што ги донесе „капиталната одлука“: Построг став кон имиграцијата, успех на кампањите за вакцинација против Ковид-19, нови трговски договори.
Сега кога се опоравуваме од пандемијата, ќе можеме да го искористиме целосниот потенцијал на нашиот повторен суверенитет, истакна Џонсон.
Британците на 23 јуни 2016 година гласаа на референдум организиран од тогашниот премиер Дејвид Камерон за тоа дали да ја напуштат Велика Британија или да останат во Унијата.
„За“ излез гласаа 52 проценти од населението, додека 48 отсто беа „против“. Камерон, кој се залагаше за останување во Унијата, поднесе оставка во јули истата година. Резултатите предизвикаа шок во земјата, но и меѓу сојузниците во Европа и пошироко.
Наследничката на Камерон, Тереза Меј, се соочи со напорни преговори за излез, што започнаа во јуни 2017 година и траеја до октомври 2019 година кога ги заклучи Борис Џонсон.
Излезот првично беше закажан за 29 март 2019 година, но мораше да се одложува трипати поради противење на британските пратеници на договорот меѓу Лондон и Брисел. Островот ја напушти Унијата по 47 години членство како прва членка на 31 јануари 2020 година, кога почна 11-месечниот преоден рок.
Тој рок заврши на 1 јануари, откако макотрпните преговори постигнаа трговски договор, со дефинитивен излез од царинската унија и единствениот европски пазар.
Од почетокот на годината трговската размена меѓу двата поранешни партнера се намалува. А, Велика Британија се уште не ги почувствува придобивките од независноста на меѓународната сцена, како што вети Џонсон, голем поборник за Брегзит.
Првпат во неколку генерации, Британците не можат слободно да се движат на континентот и обратно: Слободното движење на луѓето веќе не постои, што ќе се почувствува целосно кога ќе бидат укинати строгите мерки за меѓународно патување за да се спречи ширењето на коронавирусот .
И сега, Британците повторно се прашуваа за ефектите од повлекувањето од ЕУ.
Покрај Шкотска, Брегзит влијае и на кревката состојба во Северна Ирска.
Само тој дел на Обединетото Кралство има копнена граница со ЕУ, тешка историја полна со насилство и население поделено на унионисти, жестоки поборници за останување во сегашните рамки и поддржувачи на обединувањето на островот Ирска и приклучување кон Република Ирска.
Прашањето за спроведување на специјалниот аранжман договорен за Северна Ирска ќе биде еден од главните камен на сопнување во односите меѓу ЕУ и Велика Британија, но и голем тест за единството на Обединетото Кралство.
За време на преговорите со ЕУ, Велика Британија се обиде да ги задржи придобивките од членството во Унијата, а во исто време да биде независно и ослободено од обврските за членство. Тоа се прилично некомпатибилни цели што можат само делумно да се исполнат. ми/