Петро за заканите на Трамп: Престанете да ме клеветите
- Петро категорично ги отфрли обвинувањата. „Моето име не се појавува во судските записи“, рече колумбискиот претседател, а потоа директно му се обрати на Трамп. „Престанете да ме клеветите, господине Трамп“, напиша Петро на X.
Богота, 5 јануари 2026 (МИА) – Колумбискиот претседател Густаво Петро ги отфрли заканите и обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е поврзан со трговија со дрога, откако Трамп ѝ се закани на Колумбија со воена акција по примерот на неодамнешниот напад на САД врз Венецуела.
Трамп вчера изјави дека Колумбија „ја води болен човек кој сака да произведува кокаин и да го продава на САД“, додавајќи дека тоа „нема да трае долго“. Тој, исто така, се закани дека Колумбија би можела да стане нова цел на американска воена акција во регионот.
Петро категорично ги отфрли обвинувањата. „Моето име не се појавува во судските записи“, рече колумбискиот претседател, а потоа директно му се обрати на Трамп. „Престанете да ме клеветите, господине Трамп“, напиша Петро на X.
Во истото соопштение, Петро рече дека на таков начин не треба да му се заканува на „латиноамерикански претседател кој потекнува од вооружена борба, а потоа и од борбата на колумбискиот народ за мир“.
Во последните денови, Петро отворено ја критикуваше администрацијата на Трамп за воена акција во Латинска Америка. Тој особено ја осуди американската операција во Венецуела, обвинувајќи го Вашингтон за киднапирање на Николас Мадуро „без никаква правна основа“.
Во вчерашната подоцнежна објава на X Петро дополнително ја заостри својата реторика. „Пријателите не бомбардираат“, рече колумбискиот претседател, јасно дистанцирајќи се од американскиот пристап кон решавање на кризите во регионот.сд/јт/
фото:ЕПА