• понеделник, 23 декември 2024

Петнаесетта сесија од Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23)

Петнаесетта сесија од Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23)

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска во Скопје ќе ја одржи 15-та сесија од Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23) на тема: „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“.

На панел-дискусијата се очекува да се разменат експертизи, мислења и ставови за квалитетот и ефикасноста на судските постапки во Република Северна Македонија, како и пристапот до правдата во македонскиот правосуден систем. 

-Квалитетот на судската правда е во тесна поврзаност и зависи од ефикасноста на судските постапки. Честите критики за бавноста на судските постапки, заедно со недоволната транспарентност и проблемите со пристапот до правдата, ги доведуваат граѓаните до незадоволство и опаѓање на довербата во правосудниот систем, што е евидентирано и во последниот Извештај на Европската комисија. Според Извештајот, недостигот од независност и влијанието врз судството остануваат значајни проблеми во Северна Македонија, со системски недостатоци кои бараат итни реформи, велат организаторите.

Како што е наведено во Извештајот на Европската комисија, Платформата за интероперабилност е клучна за подобрување на ефикасноста на правосудниот систем во земјата бидејќи ќе овозможи побрза и посигурна размена на податоци. 

Според Европските стандарди за интероперабилност (European Interoperability Framework (EIF) - European Commission, 2017), оваа платформа би обезбедила унифициран начин на комуникација, намалување на бирократските бариери и поголема правна сигурност.

Дополнително, дигитализацијата и безбедноста на податоците, исто така, преставува важен аспект во постигнување на повисок квалитет на правдата. Покрај тоа, дигитализацијата на правосудниот систем, како што е препорачано и во Извештајот за Владеење на правото за 2024 година, би го намалила ризикот од корупција и злоупотреба на податоците, преку воведување на софистицирани безбедносни мерки. 

Имплементацијата на ревидираната Стратегија за информатичко-комуникациска технологија во правосудството 2019-2024 значително би придонела кон унапредување на правосудниот систем преку користење на постојната Платформа за интероперабилност на Министерството за информатичко општество и администрација.

Се очекува низ дијалогот на панел-дискусијата да се понудат решенија за зголемување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки со што ќе се овозможи и подигнување на степенот на доверба во судскиот систем од страна на граѓаните во нашата држава. сст/aa/

фото МИА архива

                                                                                   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан