• понеделник, 23 декември 2024

Петличковски: Не планираме да правиме затегнување на мерките

Петличковски: Не планираме да правиме затегнување на мерките
Скопје, 22 јули 2022 (МИА) - Во овој момент немаме никаков значаен притисок врз здравствениот систем. Иако бројот на случаи со Ковид-19 рапидно расте, до болница стигнуваат малку луѓе и уште помал процент од нив имаат тежок тек на болеста. Имајќи предвид дека притисокот врз нашиот здравствен систем не е сериозен, не планираме да правиме затегнување на мерките. Ова вечерва во гостување во вестите на ТВ Сител го истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, кој рече дека веројатно и поради сериозен удел на веќе стекнатиот имунитет со вакцини и прележана болест, клиничката слика која е поврзана со оваа нова варијанта на Ковид-19 не е тешка и оттука бројот на сериозни случаи, бројот на смртни случаи е многу низок. Тоа ни дава за право, посочи тој, да очекуваме дека во следните месеци ќе треба и ќе можеме да живееме со короната, да ја прифатиме како слични болести сезонски, ендемски и да се обидеме животот да го вратиме во нормала. На прашање дали се набавени најнови лекови против Ковид-19 кои се применуваат во светски рамки и дали имаме доволно стручен кадар кој би се грижел за евентуална ситуација да се наполнат болниците, тој рече дека секогаш може да биде подобро. - Во моментов се уште сме на дискусии, односно на планови за набавување на новите лекови како „Паксловид“ на пример, како антителата кои се ефикасни со омикрон инфекциите, но се уште ги немаме. За жал тие тендерски процедури, набавки, не одат лесно и брзо. Ние имаме план за количина и вид на лекови кои се покажани дека многу ефикасно делуваат во спречување на компликации кај ризичните групи. Знам дека постапката е во тек. Не знам точно кога би стигнале, но очекувам во рамките на еден месец да бидат достапни тие лекарства, рече д-р Петличковски. Во однос на стручниот кадар појасни дека не е многу променето од времето кога интензивно се полнеа болниците, но тоа што е различно е дека сега имаат извлечено некакви искуства, дека малку повеќе ги имаат прифатено и повеќе ги следат насоките за лекување и смета дека подобро ќе одговорат. На прашање кога последен пат е променет протоколот за лекување и третирање на пациенти со Ковид-19, рече дека последната верзија за која знае е од мај-јуни и во неа не се вклучени последните лекарства одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). - На претпоследниот состанок имавме договор со колегите од Инфективната клиника да направат пресек на тоа што во моментот е актуелен пристап и очекувам да го апдејтираме, појасни д-р Петличковски. Во врска со тоа дали на Комисијата за заразни болести се зборувало за процедурата за лекување на пациентите со Ковид-19 со хемофилтрација, процедура која се применувала во Клиниката „Жан Митрев“ и колку таа помага во лекувањето на ковид пациенти, Петличковски рече за таа процедура не зборувале од причина што не постои во ниедна од препораките како официјално стојалиште на некоја светска и важна асоцијација. - Постојано се измислуваат нови технологии, пристапи во лекувањето, но спорен е начинот на кој тоа е направено. Кога одредена вулнерабилна група во овој случај пациентите треба да бидат предмет на некаква експериментална метода, пропозициите, процедурите за организирање на тоа клиничко испитување се многу строги во цел свет и ние не треба да сме исклучок од нив. Како Комисија не сме се изјасниле. Тоа е повеќе ингеренција на Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Хемофилтрација е процедура во која одредени протеински или други воспалителни молекули медијатори кои циркулираат во крвта на испитаникот, пациентот се пробува специфично да бидат елиминирани без при тоа да има загуба на крв или на плазма. Како идеја како концепт подразбира тој медијатор на воспаление „интерлеукин 6“ да се тргне од циркулацијата за да се намалат последиците кои тој ги предизвикува, бидејќи кај дел од овие пациенти се работеше за прекумерен имун одговор во голем дел поттикнат од  „интерлеукин 6“, истакна д-р Петличковски. Тој посочи дека на Клиниката за нефрологија има сличен апарат, односно апарат кој може да прави хемофилтрација, кој често се користи и кај болни на интензивна нега во КАРИЛ, го користеле во ситуации каде има сепса, каде реално може да се помогне со намалувањето на токсичните или тие воспалителни медијатори во крвта. На прашање дали тој би препорачал употреба на хемофилтрација кај Ковид пациенти, рече дека би препорачал доколку види сериозна препорака од одговорна институција. - Таква препорака немам видено, рече д-р Петличковски. Во врска со вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести за формирање на пет ковид амбуланти кои треба да функционираат во Скопје, тој појасни дека таа идеја е заговарана на почетокот на пандемијата. Потенцира дека целта е тријажирање на пациентите и нивно благовремено насочување дали се за лекување во домашни услови, дали се за лекување во секундарна и во терцијарна установа. - Од почетокот на пандемијата досега имаме огромен притисок главно на Инфективната клиника, ковид центрите на начин што штом пациентот стане позитивен дури и ако се сомнева на позитивен резултат веднаш стигнува на клиника. Тоа не е дозволиво и не може да опстане. Идејата на предлогот за фирмирање на овие амбуланти е на едно место пациентите кои се сомневаат дека можеби имаат Ковид да дојдат, да добијат клинички, физикален преглед и доктор да процени дали нивната состојба одговара на домашно лекување или можеби итно треба да се испрати во некоја болничка установа и истовремено да го добие тестирањето. Сега имаме ситуација пациентите да се јават на матичен лекар, таму да се закаже тестирање по четири, пет дена, резултатот да се добие уште по дополнителни ден, два, тоа се шест изгубени дена само во тестирање. Идејата е матичниот лекар кој ќе држи смена во овие ковид амбуланти да ја направи проценката веднаш штом човекот почувствува симптоми и веднаш да биде тестиран..., рече д-р Петличковски. Истакна дека секој матичен лекар во овие пет ковид амбуланти ќе има една смена во месец и половина. - Во сите други термини неговите пациенти остануваат со него. За време на неговата смена предвидено е да функционира замената и од тој аспект не би требало ништо да се смени освен што на пациентите ќе им се скрати лутањето и ќе се забрза поставување на дијагнозата и евентуално изолирањето на позитивните пациенти. Во наскоро време очекувам да организираме средба со трите претставници на матичните лекари. Во текот на идната недела се надевам дека ќе почнат со работи ковид амбулантите, додаде д-р Петличковски. рп/сп/

Остани поврзан