• четврток, 19 декември 2024

Петковиќ: Почнуваме со формирање на Заедницата на српски општини во Косово

Петковиќ: Почнуваме со формирање на Заедницата на српски општини во Косово
Белград, 30 јули 2022 (МИА) - Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, по повод најавата на Приштина дека од 1 август ќе започне со спроведувањето на одлуката за пререгистрација на возилата и српските лични карти, порача дека претставниците на Србите од северот на Косово ќе пристапат кон формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), јави дописникот на МИА од Белград. Тој на прес-конференција изјави дека ова ќе биде одговорот доколку властите во Косово не се откажат од намерата да почнат да ги спроведуваат одлуките за регистарски таблички и лични карти од 1 август. - Србите немаат што да чекаат. Ако можат да се однесуваат како што сакаат, тогаш нормално е Србите да почнат да ја формираат ЗСО, сега поминаа десет години, мора да си ги обезбедат правата, рече Петковиќ и додаде дека ЗСО ќе ги овозможи колективните и индивидуалните права на Србите во Косово. На прашањето дали реторички изјавил дека Србите почнуваат да ја формираат ЗСО, Петковиќ одговори дека Србите, почитувајќи го Бриселскиот договор и сите други договори, ќе влезат во реализација и на тој договор. Тој ги нарече „незаконски“ одлуките на Владата на Косово за пререгистрација и за лични карти. - Аљбин Курти го прекршува договорот за слобода на движење и многу други договори што ги потпишавме претходно, рече Петковиќ. Објаснувајќи дека Курти се повикува на договорот од 2011 година, кој Белград го применува од почетокот, додека „Курти се сетил 11 години подоцна“. Тој оцени дека оваа точка се однесува на граѓаните на Србија кои живеат во централна Србија, а не на граѓаните кои, како што рече, живеат во Косово. - Курти е заинтересиран за укинување на српските лични карти за Србите кои живеат на територијата на Косово, со цел да се измести постоењето на државата Србија од областа на Косово и Метохија, истакна Петковиќ, оценувајќи дека тоа е дополнителен притисок врз српскиот народ. Петковиќ рече и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ одржал консултации со претставниците на Србите од Косово и дека утре по тој повод во 10 часот ќе се обрати до јавноста и ќе ги повика земјите од Квинта „да влијаат на Приштина да се вразуми“. На повеќе локации во северниот дел на Косовска Митровица денеска и претходните денови беа објавени плакати со натписи против одлуката на властите во Приштина на 1 август да почне пререгистрацијата на српските регистарски таблички со почетните букви на градовите во Косово и за невалидноста на српските лични карти. об/паг/

Остани поврзан