• вторник, 25 март 2025

Песков: Црноморската иницијатива е на дневниот ред во преговорите меѓу Русија и САД во Ријад

Песков: Црноморската иницијатива е на дневниот ред во преговорите меѓу Русија и САД во Ријад

Москва, 24 март 2025 (МИА) – Црноморската иницијатива и поврзаните аспекти од неа се на агендата на руската и американската делегација во Саудиска Арабија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ако се сеќавате на претходната форма на Црноморската иницијатива, имаше многу обврски кон нашата земја кои не беа исполнети минатиот пат. Овде се работи пред се за безбедна пловидба“, изјави Песков, пренесен од руските медиуми.

Тој рече дека Русија и САД треба да разработат многу повеќе аспекти поврзани со украинското прашање.

„Постои заедничко разбирање. Денеска се водат преговори за дел од техничките прашања“, беше дециден Песков.

Тој додаде дека руските преговарачи во Ријад, доколку е потребно, може да стапат во контакт со Москва за време на состанокот.

Еден ден по состанокот на претставниците на САД и Украина за натамошните преговори со цел постигнување прекин на огнот во руско-украинската војна, утринава започна средбата на руската и американската делегација, при што Вашингтон изрази надеж за „вистински напредок“, додека Москва предупредува дека претстојат „тешки преговори“.

Во пресрет на денешниот состанок, Кремљ објави дека главниот фокус на преговорите на Русија со САД ќе биде можното обновување на договорот за безбедна пловидба на бродовите со стока за извоз на украински земјоделски производи преку Црното Море, што беше посредувано од Турција и ОН во 2022 година. Москва се повлече од договорот во 2023 година, поради обвинувањата дека Западот не ги исполнил своите ветувања за олеснување на санкциите за рускиот извоз на земјоделски производи и ѓубрива.сд/

фото:

Остани поврзан