• понеделник, 23 декември 2024

Пенов: Зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на шест проценти е тренд кој што треба да продолжи

Пенов: Зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на шест проценти е тренд кој што треба да продолжи

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Постигнат напредок во фискалната децентрализација, а зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на 6 проценти е тренд кој што треба да продолжи, посочи министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на Годишната конференција за децентрализација и локално управување, организирана Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа што се одржува денес и утре на тема „Граѓаните во фокус: Креирање иднина со поквалитетни локални услуги“.

Министерот Пенов истакна дека следниот предизвик е дигитализацијата на локалните услуги, кој како процес е започнат, но рече дека ќе биде интензивиран.

-Процесот на дигитализација е комплексен вклучува многу институции и чекори, но важно е добро да се програмира и со поддршка од донаторската заедница да почнеме со конкретни мерки веднаш, наредната година, нагласи Пенов, кој како приоритетна област посочи на управувањето со јавните финансии, посебно наплатата на локалните даноци и такси.  

Во однос на резултатите од последното истражување на задоволството на граѓаните за квалитетот на животот во нивната општина, како што рече министерот Пенов, тие откриваат дека граѓаните генерално се задоволни од услугите на општините, но сепак се забележува мал пад на задоволството во однос на минатата година од начинот на кој се управува во нивната општина и од начинот на кој градоначалникот и советот ги земаат предвид ставовите и мислењата на граѓаните, а зголемен е и процентот на мислењата за корупција од 5 проценти во 2017 година на 24 проценти во 2023 година, истакна министерот за локална самоуправа.

Претседателот на Заедницата на единиците од локалната самоуправа (ЗЕЛС) , Орце Ѓорѓиевски, рече дека ЗЕЛС не отстапува од долгогодишното барање за обезбедување на одредена финансиска стабилност на локалната самоуправа.

-Тоа е барање за префрлување на најмалку 10 проценти од данокот на додадена вредност, и 50 проценти од персоналниот данок на доход. Со ова само би им се приближиле на локалните власти од регионот, а примерите во многу европски земји покажуваат дека општините добиваат значајни финансиски средства, и во поголем дел од нив средствата од персоналниот данок во целост одат кај локалната власт, рече Ѓорѓиевски.

Целта, според него, е централната власт да им префрли на општините онолку средства колку објективно би ја чинеле општината за нејзино спроведување.

Како втор приоритет Ѓорѓиевски укажа на обезбедувањето на електронски систем за спроведување на постапките поврзани со данокот за имот и барањето од Агенцијата за катастар бесплатно да ги префрли податоците на имателите на имот, а ја спомна и важноста на дигитализацијата на локалните услуги. 

Амбасадорка на Швајцарија во Скопје, Вероник Улман, во своето обраќање истакна дека политичките мотивации често ги движат децентрализациските напори во последните децении и дека 

-Тоа значи образложение за преминување кон ваквата промена во политичката сфера. Економсксата ефикасност, јавната отчетност и јакнењето се клучните столбови на поддршката на децентрализацијата. Треба да се зголеми транспарентноста преку зголемување на дигитализацијата со тоа што се емитуваат седниците на општинскиот совет и се зголемува надзорот врз извршувањето на буџетот за да се подобри вклученоста на граѓаните, рече Улман. 

 Додека амбасадорка на Шведска во Скопје Ами Ларсон Џаин, истакна дека со децентрализиран приод, јавните услуги можат да се прилагодат да одговараат на конкретните потреби на луѓето и тоа резултира со поголем квалитет и поефикасни услуги. 

-Бидејќи локалните власти се поотчетни кон граѓаните, и децентрализацијата може да доведе до поефикасно доделување средства.  локалните власти ги иденфитикуваат и ги приоритизираат имвестициите согласно потребите на заедниците, наместо тоа да се прави на ниво на централна власт. Охрабрува поголемото учество во демократскиот процес, рече Ларсон Џаин.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, истакна дека локалниот развој е важна компонента во поширокиот напредок на земјата и во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. 

-Согледувајќи го ова УНДП го развива општинскиот развој и процесот на децентрализација што одат напредно со целите за оддржлив развој на Обединетите Нации. Сето ова е директно поврзано со целта ефикасна, поотчетна, потранспарентна и поодржлива локална самоуправа, рече Григоријан. 

Конференцијата на УНДП ќе трае два дена, а ќе се дискутира на различни теми во областа на локалната самоуправа и развојот на единиците од локалната самоуправа. сх/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан