Пендаровски: Ставот на опозицијата за уставните измени е основа за загриженост на стратешките партнери
- Ставот на опозицијата за уставните измени значи дека ние сами себе ќе се блокираме на 1 декемвриза евроинтеграциите, а тоа е причина за загриженост кај нашиот стратешки партнер САД, вели претседателот Стево Пендаровски.
Скопје, 29 мај 2023 (МИА) - Ставот на опозицијата за уставните измени значи дека ние сами себе ќе се блокираме на 1 декември за евроинтеграциите, а тоа е причина за загриженост кај нашиот стратешки партнер САД, вели претседателот Стево Пендаровски.
На денешната прес - конференција во Вила Водно на новинарско прашање дали на средбата минатата недела со сенаторот Крис Марфи, му било кажано дека НАТО ќе биде загрижен и земјите членки ќе бидат загрижени доколку не се донесат уставните измени, Пендаровски посочи дека прашањето воопшто не било спомнато на нивната средба, која била во девет часот сабајлето, и била прва од серијата средби кои Марфи ги имаше во земјава.
-Мојата претпоставка е дека сенаторот Марфи знаеше со кого разговара од другата страна, го знае мојот став, го знае ставот на Владата дека ние немаме проблем со тој тип на уставни измени. Јас го тврдам тоа многупати, го повторувам и денеска дека внесот и на други делови на народи кои живеат тука нема да ја загрози безбедноста на Македонија, ниту нејзината иднина, спротивното може да биде точно. Како што не ја загрозија стабилноста и иднината на Македонија наназад дваесет и кусур години овие седум народи односно делови од народи кои се веќе дел од преамбулата и од нормативниот дел. Можам само да нагаѓам, меѓутоа претпоставувам дека сенаторот Марфи мислел на луѓето од опозицијата со кои исто така имаше средба, а нивниот став е познат. Под ниедни околности овој временски период барем додека не заврши мандатот на овој пратенички состав, тие не сакаат воопшто да размислуваат за уставни промени. Тоа значи само едно, дека на 1 декември самите себе ќе се блокираме, и тоа секако е причина за загриженост на нашиот најголем стратешки партнер со кој од 2008-ма имаме договор за стратешко партнерство, вели претседателот Пендаровски.
Тој потврди дека е запознат со содржината на уставните амандмани кои Владата утре треба да ги усвои и да ги предложи во Собранието, и дека тие се формирани според договореното со ЕУ.
-Според договореното е, повторувам уште еднаш. Изворот на легитимитетот или основа да се формира ваква експертска комисија во која има и претставници, се разбира, експерти и правници и политиколози предложени од институциите, беше токму тоа да предложи текст на амандмани, предлог се разбира Владата тоа ќе го оформи пред да влезе во Парламентот кои нема да отстапуваат од она што беше заклучок на Собранието минатото лето. Ги знам амандманите односно текстот на тие предлог амандмани, што утре ќе бидат поднесени од Владата до Собранието, затоа што имам свој претставник во телото, мојот советник за правни работи професор Александар Спасов, и мислам дека од првата до последната алинеја или од првиот до последниот збор или буква на таа иницијатива, мислам дека остануваме целосно во рамките на она што Собранието го побара од нас пред година, година и пол, рече Пендаровски.
На прашањето дали се уште смета дека не треба да започне процедурата за уставни измени ако нема политички консензус, шефот на државата вели дека дури и да не е обезбедно потебното мнозинство, постапката во Парламентот треба да почне.
-Знаете тоа е голема една политичка дилема, политичка не е правна, дали да влегувате во уставни промени ако немате обезбедено две третини претходно. Она што го знаеме, во тие рамки се движеше и моето размислување. Денеска сум повеќе склон да верувам дека е потребно да се влезе во Парламент, дури под претпоставка да немате сигурни 80 претходно, со тоа што јасно на таков начин и со првото гласање кое бара две третини, би се идентификувале двата главни блока во државата - проевропски антиевропски блок. Да потсетам, 2015-та пред да влеземе во првата процедура и првото гласање за Преспанскиот договор, тогашната владина конструкција и структура, немаше обезбедено 80 гласа во тој момент. Тоа беа драматични моменти кога до последен момент не се знаеше дали ќе биде постигнато квалификувано мнозинство за отворање за процедура за менување на Уставот, истакна Пендаровски.
За тоа дали би се појавил во улога на домаќин на лидерска средба, тој е дециден дека логиката налага тоа да е Владата,
-Пред два дена премиерот ја понуди таа опција до опозицијата. Бидејќи Владата во овој случај е формален носител на иницијативата за уставни промени, мислам дека е логично да се дозволи евентуално опозицијата да се приклучи на тој повик на Владата. Нема проблем да биде и кај мене, меѓутоа, бидејќи Владата формално сега треба да иницира уставни промени, логиката е таму да се одржуваат тие средби. Иако познавајќи го ставот на опозицијата, стварно не знам што тие би понуделе друго на таа евентуална средба во Владата, на оваа тема, бидејќи нивниот став по тоа прашање е познат. Тие сакаат прво да дојдат на власт па потоа да разговараат за уставни промени, нагласува претседателот Стево Пендаровски кој денеска на прес-конференција соопшти дека ќе ги потпишал измените на законите за изградба на коридорите 8 и 10 д, кои минатата недела беа усвоени од Собранието по скратена постапка. вг/са/