• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: Ние сме предмет на пропагандна војна, нашето небо го чуваат сојузниците од НАТО

Пендаровски: Ние сме предмет на пропагандна војна, нашето небо го чуваат сојузниците од НАТО
Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Ние сме предмет на пропагандана војна, лажни вести и хибридни напади, кои се зголемени на „енти-степен“ од почетокот на конфликтот во Украина, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „Том тема“ на телевизија Телма. - Од 2018 година, кога го организиравме референдумот за името, ние сме под постојан бараж на напади, кои во голем дел доаѓаат и од Русија, нагласи Пендаровски. Тој потенцира дела американските разузнавачи уште на 5 ноември минатата година ги информирале највисоките органи на власта во земјава дека Русија ќе ја нападне Украина. - Ја споделивме веднаш со институциите кои се под нас. Тоа беше на ниво на информација. Следниот месец, големите медиумски сервиси не веруваа во тоа, но кон крајот на декември, НАТО и ЕУ потврдија дека информацијата е точна. Без паника на населението, ние се апдејтиравме во армијата, а ресурсите на разузнавачката служба беа насочени кон истокот за од таму да добиеме некаква информација. Во делот на стоковите резерви ние не чекавме 24 февруари, туку обезбедивме до грам се што треба, додаде Пендаровски. Осврнувајќи се на инцидентот со падот на дронот во Хрватска, шефот на државата истакна дека НАТО води истрага за случајот и собира разузнавачки информации, но внимава да не се инволвира во конфликтот. - Неспорно е дека е леталото е дојдено од Украина, но не знаеме кој точно тоа го испукал. Со оглед на тоа што во моментов не знаеме кој е господар во Украина. НАТО внимава многу за да не влезе во овој судир, за да не се соочи во конфликт со Русија, нагласи Пендаровски Тој потенцира дека земјава не може да детектира таков дрон и не би можеле да го урнеме на време, додавајќи дека како држава членка на НАТО, нашето небо го обезбедуваат сојузниците од Алијансата. - Системите за детектирање постојат, меѓутоа знаете дека нашето небо го обезбедуваат други држави со подобри системи. Сами за себе не можеме да го обезбедиме небо. Нашите ресурси се лимитирани, додаде Пендаровски. Шефот на државата истакна и дека нема намера да се сретне со рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин, посочувајќи дека нашата држава пред неколку дена се приклучи кон санкциите на ЕУ, дури и кон оние од 2014 година воведени по анексијата на Крим, кои предвидуваат и дипломатска изолација на Русија. - Нема да се видиме затоа што има една фраза која е содржана во четвртиот пакет санкции на ЕУ и САД. Таму постои формулација, која што гледам медиумите слабо ја објавуваат, дека тие кои се приклучуваат кон санкциите треба и дипломатски да ја изолираат Руската Федерација, рече Пендаровски. сп/

Остани поврзан