• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски не очекува турските власти да ја одолговлекуваат екстрадицијата на Љупчо Палевски

Пендаровски не очекува турските власти да ја одолговлекуваат екстрадицијата на Љупчо Палевски

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“ телевизија рече дека не очекува турските власти да ја одолговлекуваат постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, првообвинет за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Тој не откри дали контактирал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со забрзувањето на екстрадицијата на Палевски, но рече дека Министерството за правда добило позитивни сигнали од Турција.

- Во Министерството за правда добиле позитивни сигнали од нивните колеги дека ќе се постапува максимално брзо во рамки на тие норми. Генерално, имаме одлични политички односи со Турција. Не гледам некој резон да одолговлекуваат, да не го даваат човекот. Се разбира, ако се исполнети предусловите по турските закони. Не можам да шпекулирам кога би дошол. Меѓутоа, нема да чекаме години, како што имаше некакви најави, претпоставувајќи за некакви заднински мотиви. Но, јас не можам да видам дека има заднински мотиви, вели Пендаровски.

Претседателот Пендаровски на 12 декември испрати порака до кабинетот на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, во врска со екстрадицијата на осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски. Но, од неговиот кабинет не информираа за деталите во пораката.

Палевски на 6 декември беше уапсен во турскиот град Баликесир. По неговото апсење, министерот за правда Кренар Лога испрати барање до Турција за негова екстрадиција. Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Баликесир му одреди 40 дневен екстрадициски притвор на Палевски. ир/са/

 

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан