• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски: Да се издвои Буџет за политиките за Роми и да постои реална политичка волја за унапредување на нивните права

Пендаровски: Да се издвои Буџет за политиките за Роми и да постои реална политичка волја за унапредување на нивните права

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Ромската заедница и во историска и во актуелна перспектива е нераскинлив дел од нашиот мултикултурен мозаик. За жал, кога говориме за Ромите во последниве три децении, ние дискутираме за базичните проблеми на луѓето, проблем со пристапот до вода, до електрична енергија, соодветна инфраструктура, квалитетно образование и здравствени услуги, висока невработеност и за ограничен пристап до правдата, рече претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ што се одржува под негово покровителство.

Загрижувачката состојба во која со децении се наоѓа поголемиот процент од ромската заедница, посочи Пендаровски, укажа на потребата од усвојување и спроведување на таргетирани политики со цел надминување на таквиот статус.

-Соочени со сите овие проблеми како држава воспоставувавме механизми со дефинирани цели за унапредување на положбата на ромската заедница, зад нас имаме усвоено две стратегии за инклузија на Ромите во 2005-та и во 2016 година, имаме донесено национални акциски планови, а минатата година е усвоена и новата стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030. Реално, овие механизми дадоа скромни резултати, бидејќи постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на секојдневниот културен и општествен живот на ромската заедница, подвлече Пендаровски.

Извештаите на Европската Комисија, како што посочи, редовно укажуваат дека националните акциски планови не се реализираат во целост, поради што е забележан само ограничен напредок. Или, додаде, најновиот годишен извештај за состојбата со човековите права за 2022. на Стејт Департментот на САД кој укажува дека не може да се остварат основните човекови права на Ромите кои не се евидентирани во матичните книги на родените.

Пендаровски истакна дека постојат низа слабости поради исклученоста на ромските населби од генералниот и од деталните урбанистички планови на општините, а како предизвици се јавуваат и преминот од основно во средно образование краткиот животен век на Ромите, стапката на смртност кај новороденчиња и ограничениот пристап до социјални и здравствени услуги.

-За жал се уште постои нетрпеливост кон различните од мнозинството во образовниот систем при што се појавуваат примери на сегрегација во училиштата. Ромите се уште немаат матична установа за промовирање и за негување на својата богата ромска култура. Жената Ромка трпи повеќекратна дискриминација и се соочува со родови бариери. Недостигот на учебници по изборниот предмет ромски јазик и култура објективно го ограничува правото на учениците Роми да го изучуваат овој предмет, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи дека антициганизмот како резултат на еден комплексен историски процес на насилство, стигма, говор на омраза и дискриминација доведува до исклучување на ромската етничка заедница од развојните текови на општеството. Овие структурни неповолности, дополни тој, како домино ефект уназадуваат генерации што влијае на севкупниот просперитет на таа заедница, но и на просперитетот на целата држава.

-Иако во нашиот регион Северна Македонија важи за држава која прави најголеми напори за унапредување на состојбата на Ромите сепак скромниот напредок во одредени приоритетни области, меѓу кои е и образованието не треба да не држи во комфорната зона затоа што со години се провлекуваат истите проблеми. Потребно е да се соочиме со фактите и да ги преиспитаме досегашните практики кои покажале скромен резултат во унапредување на состојбата на ромската заедница. Од исклучителна важност е да се воспостави функционална меѓуинституционална координација, мониторинг и евалуација на активностите поврзани со остварување на целите на стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, потенцира Пендаровски.

Најзначајно, според него, е да се издвои Буџет за политиките за Роми и да постои реална, а не декларативна политичка волја за да постигнеме прогрес во унапредувањето на правата на ромската заедница и на нивниот квалитет на живот, а со тоа и севкупен просперитет на Република Северна Македонија.

-Ние, политичарите, следејќи ги цивилизациските вредности имаме обврска да создадеме еднаква шанса за просперитет на сите граѓани. Имаме уште многу работа во оваа област и затоа мојата поддршка за унапредување на состојбата на ромската заедница останува, заклучи претседателот на државата. мс/свс/

Остани поврзан