• сабота, 23 ноември 2024

Пелеши на министерски состанок на CEDC: Дијалогот меѓу Србија и Косово е единствено решение за мир во регионот

Пелеши на министерски состанок на CEDC: Дијалогот меѓу Србија и Косово е единствено решение за мир во регионот

Тирана, 26 април 2024 (МИА) - Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, на министерскиот состанок за одбранбена соработка на Централна Европа и Западен Балкан (CEDC), во Будимпешта, посебен акцент ставил на предизвиците со кои се соочува нашиот регион, од последиците од војната во Украина, странските влијанија насочени кон дестабилизација на Западен Балкан, а посебно ја споменал неодамнешната тензична ситуација на северот на Косово.

-Дијалогот меѓу Србија и Косово, толку силно промовиран и баран од Европската унија и САД, е единственото решение за одржување на интегритетот и мирот во регионот, рекол тој, јави Ора њуз.

Истакнал дека Министерството за одбрана на Албанија ќе продолжи да биде еден од најголемите контрибутори во регионалната соработка, промовирајќи го добрососедството, поддржувајќи го принципот на меѓусебно прифаќање и инклузивност и одржување на мирот и безбедноста во регионот и пошироко.

Министерот, исто така, изразил благодарност до земјите од CEDC за фокусот што го ставаат на Западен Балкан, нагласувајќи го вклучувањето на шест земји од Западен Балкан и истовремено високо ценејќи го вклучувањето на Косово во оваа иницијатива.

Во својот поздравен говор, министерот за одбрана на Унгарија, Кристоф Салај-Бобровницки, позитивно го оценил придонесот на иницијативата CEDC за зајакнување на регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста, нагласувајќи дека во фокусот на земјите од Централна Европа е Западен Балкан, кој бил и останува еден од главните приоритети на иницијативата.

На средбата биле презентирани приоритетите и календарот на активности што ќе се одвиваат за време на унгарското претседавање со CEDC. вт/сд/

 

Фото: Пелеши ФБ

Остани поврзан