• петок, 22 ноември 2024

„Патување пеш“ на Тамара Котевска почнува со европска фестивалска турнеја

„Патување пеш“ на Тамара Котевска почнува со европска фестивалска турнеја

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Документарниот филм „Патување пеш“ (The walk) во режија на Тамара Котевска почнува со европска фестивалска турнеја. Најпрво, филмот ќе има европска премиера на фестивалот за човекови права FIFDH во Женева во Швајцарија, каде ќе има две проекции, а потоа, ќе се одржат пет проекции на еден од најголемите фестивали за документарен филм од А Категорија во
Европа - CPH DOX во Копенхаген, Данска како дел од програмата „Highlights“.

-Уште една добра вест е што реномираната компанија „Together Films“, со седишта во Лондон и Њујорк и значајно искуство во светска дистрибуција на филмови, ги обезбеди правата на „Патување пеш“ и истиот ќе го дистрибуира низ светот. Минатата недела филмот беше претставен за продажба на овогодинешниот филмски маркет во Берлин, а во следниот период ќе биде дел од маркетите на CPH DOX во Копенхаген и SXSW во САД, што беше екслузивно објавено на насловната страна на британското филмско списание Screen Daily, соопштија од ОХО Продукцијата.

Филмот „Патување пеш“ имаше светска премиера на најголемиот фестивал за документарни филмови во САД - DOC NYC во Њујорк во ноември минатата година, откако Тамара Котевска за прв пат го претстави филмот на филмскиот фестивал во Венеција со краток трејлер во
септември 2023 година.

„Патување пеш“ го следи патувањето на Амал - џиновска кукла висока 3,5 метри, која претставува млада бегалка и која патува преку сириската граница во Турција, а потоа низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше две години на териториите на повеќе од десет земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка.

Во креативниот тим на филмот, покрај Тамара Котевска се и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Главен продуцент на филмот е Grain Media - една од најголемите британски филмски компании фокусирана на документарните филмови, а македонски копродуцент е ОХО Продукција. Филмот е поддржан и од Агенцијата за филм.бт/са/

Фото:  ОХО Продукција

Остани поврзан