• понеделник, 23 декември 2024

„Патувачкото кино“ на „Македокс“ од Свети Николе патува кон велешкиот регион

„Патувачкото кино“ на „Македокс“ од Свети Николе патува кон велешкиот регион

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Првиот дел од годинашното „Патувачко кино“ на Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ ги опфати градот Свети Николе и три села, што се наоѓаат во неговата близина. Изминативе денови се одржаа проекции на креативни документарни филмови под отворено небо во Свети Николе, Горобинци, Ерџелија и во Мустафино. Еден од новитетите на „Патувачкото кино“, годинава беше предпроекцијата, која се одржа на 26 август, покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“, соопштија од „Македокс“.

- На досегашните проекции на „Патувачкото кино“ во сите посетени места имаше околу 180 гледачи, локално население кое досега немало можност да присуствува на филмска проекција во нивното село. Дел од програмата на „Патувачкото кино“ беше направена по избор на мештаните, се наведува во соопштението.

Бранд Ферро, извршен продуцент на „Патувачкото кино“ во пишаната изјава вели дека „Македокс“ „секогаш ги има предвид желбите на локалното население и со взаемна комуникација, програмата ја прилагодува на нивните интереси“.

- Секогаш издвојуваме простор и за најмладите генерации со проекција на филмови од програмата за деца и младинци, што се прикажува во рамките на фестивалот „Македокс“, бидејќи младите се најбројни посетители на проекциите на „Патувачкото кино“, додава тој.

Вториот дел од 14. „Патувачко кино“ на „Македокс“ ќе биде во велешкиот регион со проекции во село Чашка на 14 септември, проекцијата во село Теово на 15 септември ќе биде проследена со музичка промоција, на 16 септември, „Патувачкото кино“ ќе биде во селото Богомила и на 17 септември ќе има проекција во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.

- Вториот новитет на „Патувачкото кино“ е што пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември, ќе биде промовиран музичкиот албум „Вознесено“ (Ascend) на бардот на македонската и екс-ју музичката сцена, Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“. Покрај промоцијата на албумот, ќе има и проекција на спотови направени за песни од албумот, информираат од „Македокс“.

Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на „Патувачкото кино“, како што се наведува, е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на „Патувачкото кино“ е поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и од „Македокс“. бд/лв/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан