• петок, 05 декември 2025

Патувачки караван „Информирани граѓани за ЕУ“ се одржа во Тетово, граѓаните оставија пораки што значи ЕУ за нив

Патувачки караван „Информирани граѓани за ЕУ“ се одржа во Тетово, граѓаните оставија пораки што значи ЕУ за нив

Тетово, 19 јуни 2025 (МИА) – Подобро живеење за младите, праведно судство, без миграција, да нема бирократија, спроведување закони. Ова се пораките кои жителите на Тетово ги оставија на интерактивната табла споделувајќи свое мислење на прашањето „Како изгледа мојата заедница во ЕУ“. Оваа можност ја имаа на денешниот настан патувачкиот караван „Информирани граѓани за ЕУ“ што се одржа во Тетово од 10 до 12 часот.

Караванот има за цел да ги информира граѓаните за вредностите и политиките на Европската Унија, процесот на пристап, реформите и можностите кои ги носи ЕУ. Тетово е петти град каде помина овој караван, спроведен во рамки на проектот „Ромскиот граѓански сектор за пристап кон ЕУ“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Асоцијација за демократски развој на Ромите „Сонце“ од Тетово, Асоцијација Лулуди Скопје, Ромски Ресурсен Центар Скопје и Симплексис-Грција.

- Караванот е со цел да можеме да го информираме локалното население за можностите за европските процеси и воедно да поставиме некој вид на анкетирање. Се одвива во десет градови, така што денес сме во Тетово, утре сме во Кочани. Останува уште во Битола и Прилеп, како и на два во Скопје, истакна Кјмет Амет од Ромска асоцијација за жени и млади Лулуди од Скопје.

Дел од секој караван е и работилница „Улогата на граѓанското општество и локалните институции во процесот на пристапување кон ЕУ“, која се одржа подоцна во просториите на Европска куќа.

- Кога станува збор за улогата на граѓанските организации и локалните институции во самиот процес и проблемите и предизвиците, како и можностите коишто ги даваат процесот на пристап кон Европската унија, како најбитни предизвици детектирани се недоволната информираност на граѓаните за самиот процес на пристапување кон Европската Унија и реформите коишто треба да се направат, недоволно доволно човечки ресурси за самиот реформски процес и потребата за поголема соработка меѓу локалните институции и граѓанските организации преку консултативни средби и искористување на европските фондови, истакна Маргита Стојановиќ, координатор во Асоцијација „Сонце“ Тетово.

На работилницата, претставници на невладините организации ги споделија ставовите и мислењата како граѓанското општество и локалните институции можат да соработуваат реализирајќи заеднички проектни активности со цел подигнување на свеста за значењето од пристапот кон ЕУ.ас/вј/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан