• петок, 05 декември 2025

Паскал Донахју реизбран за претседател на Еврогрупата 

Паскал Донахју реизбран за претседател на Еврогрупата 

Брисел, 7 јули 2025 (МИА) – Ирскиот министер за финансии Паскал Донахју денеска е резибран за претседател на Еврогрупата за трет две и полгодишен мандат, кој ќе започне на 13 јули годинава. 

- Ми претставува голема чест и привилегија да служам како претседател на Еврогрупата од 2020 година. Многу сум благодарен на моите колеги министри за довербата што ми ја дадоа да продолжам да ја водам нашата важна работа и во трет мандат, изјави Донахју по изборот. 

Тој посочи дека соочена со значајни геополитички промени, Еврозоната се покажа како многу отпорна, па сега негова задача ќе биде дополнително да го зајакне еврото и да обезбеди видлив напредок по клучните прашања, почнувајќи од буџетската координација и воведувањето на дигиталното евро, па до изградбата на Унијата на пазарите на капитал и на Банкарската унија. 

- Посилна и поконкурентна Еврозона ќе ја зајакне меѓународната улога на еврото и дополнително ќе ги зголеми нашата отпорност и просперитет во корист на нашите граѓани, рече Донахју. 

Согласно Протоколот 14 од Договорот за Еврогрупата, претседателот се бира со апсолутно мнозинство од гласовите на 20-те министри членови, односно со најмалку 11 гласа. Кандидат за претседател на Еврогрупата може да биде секој од министрите на членките на Еврозоната во чија надлежност е ресорот финансии.  

Еврогрупата е неформално тело во чии рамки се дискутира за прашања поврзани со заедничките одговорности на земјите членки на Еврозоната во врска со еврото. Нејзина главна задача е да обезбеди координација на економските политики меѓу земјите членки на Еврозоната, но и да промовира услови за посилен економски раст. Членовите на Еврогрупата вообичаено се состануваат еднаш месечно, во пресрет на заседанието на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ.  

Прв претседател на Еврогрупата беше Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер во периодот од 2005 до 2013 година, кој потоа од 2014 до 2019 година беше и претседател на Европската комисија. Него го наследи Холанѓанецот Јерун Дајселблум, кој функцијата ја извршуваше од 2013 до 2018 година, а по него претседател на Еврогрупата до 2020 година беше Португалецот Марио Сентено. Актуелниот претседател Донахју првпат беше избран на функцијата во јули 2020, а потоа и реизбран во декември 2022 година. сп/  

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан