Парламентарната опозиција официјално побара формирање преодна влада во Србија (ДПЛ)
- Концептот на влада со доверба на народот, чиј суштински мандат е да обезбеди минимални услови за реализација на студентските барања и одржување фер и чесни избори, е следниот: ќе трае најмногу девет месеци, а ќе има конкретни задачи.

Белград, 20 март 2025 (МИА) - Парламентарната опозиција во Србија денеска официјално побара формирање преодна влада - „Влада на доверба на народот“, јави дописникот на МИА од Белград.
Според нив, формирањето привремена преодна влада е единственото решение за надминување на кризата по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
„Покрај нас...за ова зборуваа и непарламентарните организации „Крени-промени“ и „Проглас“, така што постои широк консензус за тоа како можеме да излеземе од оваа криза, нагласи претседателот на Народното движење, Мирослав Алексиќ на прес-конференција во Собранието.
„Денеска постигнавме високо ниво на договор ... Опозицијата што стои пред вас има функционална соработка. Денеска почнува рокот за формирање преодна влада, иако сметаме дека рокот е веќе започнат и дека е веќе во тек многу порано откако Вучевиќ поднесе оставка“, рече Алексиќ.
Концептот на влада со доверба на народот, чиј суштински мандат е да обезбеди минимални услови за реализација на студентските барања и одржување фер и чесни избори, е следниот: ќе трае најмногу девет месеци, а ќе има конкретни задачи.
Како што рече Билјана Ѓорѓевиќ (Зелено-Лев Фронт), еден од елементите на владата е итно дејствување на сите извршни органи во согласност со владината надлежност, согласно барањата, спречување на притисок од извршната власт врз судството во постапката за уривање на настрешницата.
Потоа, организирање на слободни и фер избори преку ревизија на избирачкиот список и измени на изборните закони и усвојување на Законот за ревизија на Избирачкиот список.
Парламентарните опозициски политички партии заедно со општествено-политичките движења, а пред се со универзитетите во блокада, како предлагачи во име на слободните граѓани на Србија, заеднички предлагаат кандидати за премиер - непартиска личност
„Ова е повик за воспоставување широк општествен консензус околу влада на народната доверба и кандидати за премиер или министри, кои со својата стручност во владата и со фактот што сите застанавме зад нив, би можеле да обезбедат враќање на довербата во нашите институции“.
„Ова е покана што ја упатуваме не само до преостанатите парламентарни партии, туку и до пошироката јавност и академската заедница, да ги поддржиме најдобрите кандидати да ја прифатат оваа работа и тогаш веќе нема да биде важно дали имаат оваа или онаа политичка определба, ако сите застанеме зад нив“, рече Ѓорѓевиќ.
Според неа, по истекот на мандатот на владата на народната доверба и по проверка на исполнувањето на сите дефинирани резултати, би биле распишани парламентарни избори.
„Формирањето на оваа влада претставува договор и подразбира договор за некои други елементи, вклучително и замена на целата актуелна влада и избор на ново раководство на РТС“, прецизира Ѓорѓевиќ. зш/
фото Принтскрин