• петок, 05 декември 2025

Парламентарната дипломатија претставува важен механизам за зајакнување на институционалните врски и поддршка на реформските процеси

Парламентарната дипломатија претставува важен механизам за зајакнување на институционалните врски и поддршка на реформските процеси

Скопје, 24 ноември 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, предводена од Наталиа Усеро Перес.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбата со Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, претседателот на Комисијата, Муса Џафери, истакнал дека Шпанија е стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција на Република Северна Македонија. Билатералните односи, се посочува, се карактеризираат со искрено пријателство, политичка поддршка и заедничка посветеност на европските вредности.

Се очекува и понатамошна поддршка од Шпанија во надминувањето на актуелните предизвици поврзани со блокадата од страна на Бугарија на патот кон ЕУ. Во фокусот на разговорот, се додава, биле и предизвиците со кои се соочуваат земјите во борбата против корупцијата и потребата од заедничко дејствување.

-Ние, како Парламент, веруваме дека редовниот дијалог меѓу пратениците на двете земји создава силна основа за развој на демократските процеси, олеснува меѓусебно разбирање и придонесува кон подобри политики во интерес на граѓаните, заклучил Џафери.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, пак, истакнал дека денешната средба претставува важна можност за потврда и дополнително зајакнување на долгогодишната соработка помеѓу девете земји.

-Со Шпанија споделуваме искрено пријателство, конструктивно партнерство и заедничка посветеност на еропските вредности и стандарди. Во економска сфера од една страна, нашата соработка бележи позитивни резултати, но постои и голем потенцијал за натамошно проширување особено во делот на енергетиката, инфраструктурата, туризмот, образование и зелените технологии. Од друга страна во областа на парламентарната дипломатија, двата парламенти имаат традиција на плодна комуникација, а средбите на високо ниво, парламентарните групи за соработка претставуваат важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси, нагласил Здравковски.

Наталиа Усеро Перес, пак, истакнала дека е овде со голем интерес и ентузијазам да се запознае со проблемите со кои се соочува Северна Македонија, Францускиот предлог и можните решенија кои ќе ја доведат до интеграција во ЕУ.

-Членовите на Комисијата упатија благодарност што Шпанија остана принципиелен поддржувач на европската перспектива на нашата држава и на политиката на проширување на Унијата, воедно беа едногласни дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за пристапниот процес, стои во соопштението. вг/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан