• недела, 22 декември 2024

Папата на маратонско патување: Посети на Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур

Папата на маратонско патување: Посети на Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур

Рим, 2 септември 2024 (МИА) - Папата Франциск денеска го започнува најдолгото патување во странство во неговиот досегашен мандат, кое ќе опфати четири земји во Југоисточна Азија и Океанија во наредните 12 дена.

Заминувајќи со авион од Рим, 87-годишниот поглавар на Католичката црква прво ќе ја посети Индонезија, најнаселената муслиманска земја во светот со над 240 милиони муслимани. Следни дестинации ќе бидат Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур.

Ова е 45-то патување на папата во странство и ќе биде насочено особено кон мирниот соживот меѓу различните религии. Само во Источен Тимор, третата станица на неговото патување, мнозинството од населението е католичко.

Со оглед на возраста и здравствената состојба на Франциско, кој сега често користи инвалидска количка, паузите меѓу неговите патувања во странство станаа подолги. Последното поголемо патување во странство го направи пред една година, кога ја посети Монголија.

Папата, кој е на функција веќе 11 години, ќе помине вкупно над 30.000 километри со авион на ова турнеја. Неговото враќање во Рим е планирано за 13 септември.

Посета на Луксембург и Белгија е планирана за следното негово патување кон крајот на месецот.ссм/

фото: архива

Остани поврзан