• недела, 22 декември 2024

Папата Франциск повика на взаемно простување за да се стави крај на конфликтот во Конго

Папата Франциск повика на взаемно простување за да се стави крај на конфликтот во Конго

Рим, 1 февруари 2023 (МИА) - Папата Франциск денеска ги повика луѓето во Демократска Република Конго, каде што милиони се убиени во децениските оружени конфликти, едни на други да си дадат „големо простување од срцето“ и апелираше до христијаните кои учествуваат во борбите да го положат оружјето.

На првиот ден од неговата посета, инаку негова трета посета на субсахарска Африка како папа, Франциск служеше миса на отворено, а според локалните власти, имало повеќе од еден милион луѓе во областа на аеродромот во главниот град Киншаса.

Конгоанците му приредија на папата еден од најживите приеми за време на неговите патувања во странство. По неговото пристигнување, вчера десетици илјади беа наредени на неговата рута.

Неговата папска колона полека се движеше по асфалтот додека стотици илјади луѓе пееја и танцуваа пред тој да ја започне мисата од поставениот голем олтар. Многу жени носеа фустани со неговиот лик, како што е вообичаено во многу африкански земји да им оддадат чест на достоинственици.

- Народот на оваа земја, рече папата во својата проповед, страда од „рани кои болат, постојано заразени со омраза и насилство, додека лекот на правдата и спасот на надежта како никогаш да не пристигнуваат“.

Вооружените конфликти оставија 5,7 милиони луѓе внатрешно раселени, а 26 милиони се соочуваат со тешка глад, според податоците на Обединетите нации.

Франциск рече дека Бог сака луѓето да најдат „храброст за да им дадат на другите големо простување од се срце“. - Колку големо добро ни прави да ги чистиме нашите срца од гнев и каење, од секоја трага на горчина и непријателство!, порача папата. ссм/

Остани поврзан