• понеделник, 23 декември 2024

Панел: Руската агресија врз Украина го загрози пристапот на младите до образование

Панел: Руската агресија врз Украина го загрози пристапот на младите до образование

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Војната во Украина од еден друг аспект - пристапот на децата и младите до образование, беше во фокусот на панелот „Интегрирање на учениците и студентите бегалци во образовниот систем: Презентирање на Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција во врска со руската војна во Украина“ во организација на „Јуроп хаус“ во Скопје, по повод една година од руската агресија врз Украина. Учесниците посочија дека агресијата предизвика неколку сложени проблеми во образованието во Украина, пред се за присилно раселените деца, кои беа принудени да го прекинат образованието одреден период, како и непроценливата штета со уништувањето на инфраструктурата на училиштата, градинките и универзитетите.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи дека со руските ракети се оштетени над 2.700 училишта во Украина, комплетно се срамнето со земја над сто образовни институции, а над два милиони украински ученици заминале од земјата без да имаат можност соодветно да го завршат образованието.

- Сојузот на средношколци од Северна Македонија ќе ја претстави Резолуцијата на Организирачкото биро на европските средношколски сојузи, тој документ се посветува на тешкотиите на младите Украинци, на влијанието на војната врз нивната безбедност, на нивниот извор на приход, на нивната благосостојба и психичка и физичка, како и на нивното право за образование коешто е гарантирано во Универзалната декларација за човекови права. Па така во еден дух на солидарност средношколците размислуваат како да им помогнат на пријателите во Украина и осмислија конкретни предлози во самата Резолуција за која што подоцна ќе дискутираме, рече Гир.  

Украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир, истакна дека ситуацијата во Украина ќе остане главен приоритет во фокусот на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, особено во контекст, како што рече, на гарантирање на безбедноста на граѓаните, во една ера на регионална и глобална нестабилност.

- Со бомбардирање и артилерија руската армија уништи 3.126 образовни установи и 338 од нив беа срамнети со земја. За време на војната руската војска уби 461 дете, рани 923 деца, 368 деца исчезнаа, над 16.000 беа нелегално депортирани во Русија. Агресијата од Русија предизвика неколку сложени проблеми во образованието во Украина, главно ова се однесува на присилно раселените деца, кои беа принудени да го прекинат образованието одреден период, а уништувањето на инфраструктурата на училиштата, градинките, универзитетите, е непроценлива штета, рече Дир.

Амбасадорката посочи дека процесот на образование успеа и во воена состојба некако да биде задржано, и да опстане, пред се преку образованието на далечина, со што, истакна таа, беше возможно да се обезбеди некаков образовен процес.

- Услов за сите училишта и универзитети во Украина е да постои засолниште од бомби, кои мора да се опремени со се што е неопходно ако дојде до ракетен напад. Во случај на напад, часовите се одржуваат во овие засолништа, универзитетите во опасните области во Украина, се преселени во делови во Украина каде што нема такви напади, на пример неколку универзитети од Мариупол се преселија во Киев, рече Дир.

Исто така, додаде таа, украинските ученици и научници добија поддршка, особено преку институциите на ЕУ, преку проектот „Наука за Украина“ и се поддржани сите програми на националната програма преку Институтот за хуманитарни науки од Виена.

- Илјадници деца ја напуштија Украина поради нападите, и тие исто така учат во Полска, Словачка, Германија, САД, Чешка, Романија... и во исто време учениците во Украина се уште учат според стандардите на украинското образование, а тоа го добиваат од далечина. За жал образовните институции на земјата не постојат надвор од Украина и има т.н. неделни училишта на Украинците во странство, но тие не се акредитирани како образовни установи, рече таа.

Дир потсети дека Северна Македонија обезбеди привремено засолниште и заштита на над 300 Украинци кои беа принудени да ја напуштат својата татковина, при што украинските деца учат во македонски училишта и добиваат образование на македонски јазик.

- Се разбира дека постојат предизвици и тешкотии што мора да ги надминат. Во овој контекст е потребна поддршка не само од семејствата, туку треба да има една средина што е пријателски расположена и тоа е од клучна важност за да се надминат внатрешните трауми и да можат овие деца да се прилагодат побрзо на новата ситуација, заклучи Дир.

Пред панел-дискусијата беше прикажан документарниот филм „Бришење на нацијата“ (Erase the Nation), поддржано од Полската амбасада во земјава, во којшто беше прикажан ужасот на војната во Украина, што најмногу ги погоди обичните луѓе. нд/сп/

Остани поврзан