• петок, 22 ноември 2024

Панел: Проверката на факти е базичен стандард во новинарството, без тоа нема вистинско, точно информирање на јавноста

Панел: Проверката на факти е базичен стандард во новинарството, без тоа нема вистинско, точно информирање на јавноста

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Многу е важно медиумите да прават проверка на факти, зашто тоа е базичен стандард на новинарската професија. Не треба да се пренесува без да се проверува се што ќе кажат политичарите или кои било други извори кои сакаат да влијаат во јавната комуникација. Должност на новинарите е да ги проверуваат информациите кои ги изјавуваат оние што сакаат да влезат во медиумската агенда и да и кажат на публиката дали тоа што е изјавено е точно или не. Без проверка на факти, нема вистинско, точно информирање на јавноста. Новинарите мора да го зачуваат и интегритетот, и својот и на медиумот во кој работат.

Ова е само една од пораките што ја испратија учесниците на денешната панел-дискусија „Верификацијата на изборите и информациите во борбата против дезинформациите и медиумските манипулации“.

Како што беше речено, отсекогаш се објавувале неточни информации, дезинформации, лаги, фабрикувани вести и се правела пропаганда, но денес, справувањето со сето тоа е огромен предизвик. Се повеќе, брзината е поважна од точноста и ова најмногу се забележува кај малите редакции и интернет (онлајн) порталите. 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) минатата година примил 132 жалби од кои 110 се однесувале на онлајн портали.

-Сакаме да им помогнеме на медиумите да се вклучат во својот дел од борбата против дезинформациите, лажниte информации, медиумскиte манипулации зашто во денешно време за новинарите е многу тешко, поради притисокот да се биде брз, прв, најатрактивен, да спроведат цела постапка на проверка, дали изворот е релевантен, верификуван, соодветен, официјален,..., дали фактите кои ги пренесуваат се точни. Не е наша идеја да им кажуваме на новинарите и медиумите како да работат, дали и како да ги покриваат темите, туку да им овозможиме алатки и искуства како тоа да го направат за на јавноста да и обезбедат точни, квалитетни и веродостојни информации, рече Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

Според него, напорите што главно се вложуваат во борбата со дезинформациите, се насочени главно кон публиката.

-Нашата идеја е да видиме што можат медиумите, пред да ги објават информациите. Тие не би требало да брзаат, ниту треба да им биде императив да бидат први, туку треба, тоа што го пренесуваат во јавноста да биде проврено, верификувано и точно. Знаеме дека кај нас, медиумите поради сплет на околности, имаат мали капацитети - и човечки и финансиски, за да инвестираат во соодветна проверка на фактите. Претпоставувам дека, сепак, го прават најдоброто што можат во однос на редакциската проверка на факти. Инаку, многу е тешко и тоа не може никој да го регулира, да забраните некому да објавува што било на сопствениот профил на социјалните мрежи, блоговите, поткастите,..., истакна Георгиевски.

Билјана Георгиевска од СЕММ потенцира дека и натаму, најголемот број поплаки доаѓаат за содржини објавени во интернет порталите.  Тоа се тие, рече, помали редакции кај кои, во најголем дел, брзината е поважна од точноста. Тие немаат кадар за да бидат на терен, на местото на случувањата, за да ги проверат сите страни.

-Минатата година, од 132 примени жалби во Советот за етика, 110 се однесувале на онлајн портали. Работата е што кај нас тие се раситнети, во нив работат најмногу пет - шест луѓе, а многу чест и еден до двајца. Свесни сме дека не се внесени во ниту еден закон, па никакви санкции, освен моралните од Советот за етика, не допираат до нив. Но, и оваа морална санкција, кога Комисијата за жалби ќе утврди дека е прекршен некој член од Кодексот и од насоките за известување во онлајн медиумите, не секогаш нашите колеги чувствуваат обврска да ја објават, да се извинат, да се корегираат за тоа што се тоа поминува „така“ и нема никаква санкција. Многу од нив дури и не прифаќаат дека погрешиле, се бунтуваат, а многу од нив, ако е утврдено дека погрешиле со тоа што не ги исчистиле коментарите под нивна вест кои предизвикуваат  и шират говор на омраза, се извлекуваат со тоа дека немаат доволно кадар, дека немаат вработени во попладневните или вечерните часови и без оглед што обврската се однесува на нив, тоа го прифаќаат, едноставно не го спроведуваат. не ни останува ништо друго освен да продолжиме со нашата мисија, да инсистираме да го почитуваат тоа што ќе го утврди Комисијата за жалби, истакна Георгиевска.

Според Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика, борбата против дезинформациите, борбата за професионалните стандарди, не е борба што треба да ја водат само неколку медиумски и граѓански организации, ниту тука треба да предводи државата, главната борба е на професионалните медиуми, да се изборат за својот интегритет, да ги промовираат стандардите и да укажат на непрофесионални содржини, со што ќе и овозможат на публиката да има право на вистински избор - достапност до точни и проверени информации.

Затоа, новинарите треба да се вратат голем дел од нив работат во професијата, почитувајќи ги стандардите, но има и голем дел медиуми во кои има луѓе кои не го прават тоа од разни причини - притисок на времето, потреба да се биде прв и најбрз, но и поради политички или економски влијанија од одредени центри на моќ.

Како што напомена Сарачини, ако сакаат медиумите да ја задржат довербата на публиката, треба да ги проверуваат фактите и изјавите и точно да информираат.

-Главниот договор што го прави новинарот е договорот што не се потпишува - помеѓу него и публиката. Што поточно ја информирате публиката, цената на новинарството и на новинарот расте, и како углед во очите на граѓаните, но и како економски потенцијал, зашто секој ќе сака да вработи новинар кој ја има довербата на публиката. Апсолутно важен, па и најважен од сите други работи е интегритетот на новинарот. Тешко е интегритетот да се зачува во овие економски и политички услови кога има различни притисоци врз медиумите и новинарите - политички, економски, насилство, професијата не е доволно платена, статусот не е регулиран и сетоа тоа влијае работата да биде ваква каква што е. Исто така, пазарот е презаситен од медиуми. Ние сме мал пазар, а имаме огромен број медиуми. Сето тоа влијае медиумите да не живеат од парите на огласувачите и од претплата. Мора да се свртиме кон основните постулати на новинарството, да оставиме пазарот слободно да ја расчисти ситуацијата, а финансирањето на медиумите треба да биде далеку потранспарентно. Сите овие работи може да придонесат за да се подобрат состојбите, но главното е да се зачува интегритетот на редакциите, на уредниците и новинарите и на сите медиумски работници. Што поголема е отпорноста кон надворешните притисоци, толку поголема е довербата на граѓаните во медиумите, подвлече Сарачини. 

Негова оценка е дека претстојната кампања за изборите од аспект на информирањето може да се изнесе професионално.

-Има притисоци и сериозни обиди за влијанија на политичките партии врз медиумите и новинарите. Но, прашање е дали сакаме, колку дозволуваат сопствениците и уредниците на медиумите, рече Сарачини. 

Тој потсети и дека медиумската писменост кај нас, според многу истражувања, е на ниско ниво.

-Тешко им е на граѓаните во ова море на информации да препознаат и разграничат што е што, што е вистина, а што лага, што е информација, а што дезинформација. Тука е клучната улога на професионалните редакции, не само да информираат, туку и да кажат кога некој дезинформира. Луѓето често кликаат на вести што се сензационални, кои не ја кажуваат вистината, но ако професионалните медиуми не се борат против  дезинформациите, ризикуваат да ја изгубат публиката, укажа Сарачини.

 Панелот го организираше Центарот за развој на медиуми и на него беше промовиран и Прирачникот за верификација за дезинформации и медиумски манипулации кој е наменет, пред се, како што беше речено, за професионалните новинари. мч/аа/

фото: МИА 

Остани поврзан