• вторник, 27 февруари 2024

Панел: Нема оправдување за суровата реалност во која насилството врз жени и девојчиња останува сеприсутно кршење на човековите права

Панел: Нема оправдување за суровата реалност во која насилството врз жени и девојчиња останува сеприсутно кршење на човековите права

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Од 2019 година досега во државава евидентирани се 20 случаи на фемицид, а за овие четири години покренати се 17 кривични постапки во кои се убиени сите овие 20 жени. Неопходно е да се креира социјален, економски и психолошки контекст против родово-базираното насилство, а институциите да работат на превенцијата која е клучна против овој вид насилство, беше посочено на панел дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ што се одржа во Кабинетот на Претседателот, по повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство врз жените“ под покровителство на Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на шефот на државата, а во организација на Сојуз-национален совет за родова рамноправност.

Првата дама Ѓеоргиевска, отворајќи ја панел дискусијата рече дека треба да креираме социјални, психолошки и економски контексти, за да се прекине синџирот на насилство.

-Нема оправдување за суровата реалност во која насилството врз жените и девојчињата останува сеприсутно кршење на човековите права на глобално ниво. Шокантно е што речиси една од три жени ширум светот доживеала физичко и/или сексуално насилство - опасност инфилтрирана во домовите, работните места и онлајн просторите. Насилството врз жените и девојчињата не е само статистика - тоа е непобитна вистина врежана во нивните животи, што остава лузни кои понекогаш се и трансгенерациски, посочи Ѓеоргиевска.

Таа истакна дека после-пандемиските ефекти, воените конфлкикти, климатските промени, го влошуваат ова прашање, барајќи итни одговори и стратешки долгорочни инвестиции.

-Нема изговор за двоумење. Нашите денешни разговори нека бидат доказ за нашата колективна посветеност. Заедно, ајде да бидеме архитекти на промените!. Мора да сме храбри во нашите постапки, обезбедувајќи секоја жена, девојка, да зачекорат во свет каде што насилството не е опција. Затоа што за насилство, нема оправдување, нагласи Ѓеоргиевска. 

Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, истакна дека од 2019 година досега во државава евидентирани се 20 случаи а фемицид, а за овие четири години покренати се 17 кривични постапки во кои се убиени сите овие 20 жени. 

-На бесплатната СОС мобилна линија 141 700 за последниве десет месеци од годинава има 435 повици од 225 жртви, што значи дека некои се повторуваат, но проблемот останува. Овие повици ги примаат 6 операторки на 4 јазици - македонски, албански, турски и ромски јазик, непречено 24/7 дена. Жртвите имаат можност да добијат бесплатна психо-социјална и правна помош, затоа што ние стоиме зад нив, како ветер во грб, рече Тодоровска. 

Излез за жртвите од семејно насилство, има, рече Тодоровска, а тука се, додаде, и меѓународните организации кои сесрдно ги поддржуваат институциите на државата. 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на две прашања во рамките на панелот, потенцира дека полицијата постапува по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство, како и тоа дека превенцијата е едно од клучните надлежности на институциите кога станува збор за овој вид насилство.

На прашањето кои програми се предвидени да се подобри обуката и едукацијата на стручниот кадар во МВР и другите институции што постапуваат во случаи на насилство, Спасовски истакна дека Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи, врши обука согласно две програми, односно Основна обука за полицаец и Континуирани обуки за вработени во Министерството.

-Согласно наставната програма за Основна обука за  полицаец, предвидена е задача за учење „Постапување при семејно насилство (обезбедување на родово сензитивни услуги за поддршка на лица кои претрпеле семејно насилство), со 14 часа. Во наставната програма  за Основна обука за полицаец, предвидена е и задача за „Родова еднаквост“ со 6 часа. Во однос на континуираните обуки на оваа тема, Центарот за обука со свои обучувачи учествува во нивна реализација, односно, најнапред би ја споменале Обуката за обучувачи за спроведување почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство. Согласно предвидениот план и динамика за спроведување на оваа обука, обуката се спроведува од страна на  обучените обучувачи каскадно, на предвидените целни групи слушатели, истакна Спасовски, додавајќи дека во соработка со Мисијата на ОБСЕ и надворешен експерт-консултант, минатиот месец е почната Обука за одговор и полициско работење на родово базирано насилство.

Во однос на тоа како е предвидено да се сензибилизираат службениците кои директно работат со жртви на семејно и родово базирано насилство, Спасовски информираше дека во тек е реализација на иницијатива на МВР за потреба од изготвување на мобилна апликација со Прирачник за полициски службеници кои даваат прв одговор при пријава за сторено семејно насилство.

-Ова го работиме во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Виена. Што се однесува до фазата на реализација на овој проект, во моментов се формира Работна група, која ја сочинуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, јавен обвинител и претставници од ОБСЕ, кои имаат задача да работат на материјалите и податоците кои ќе бидат содржани во Прирачникот на ова мобилна апликација. Во овој Прирачник треба да биде опфатено сето она што полициските службеници кои даваат прв одговор на жртвата на семејно и родово базирано насилство треба да го знаат при постапувањето, како практични чекори, а благодарение на мобилната апликација тоа знаење сублимирано во Прирачник, во секој момент ќе може да биде достапно за службеникот и како потсетник при постапувањето, рече Спасовски.

Додаде дека Центарот за обука со поддршка на УНФПА учествува во организацијата на три тридневни обуки за родово базирано насилство, планирани за ноември и декември, а кои се наменети за вработени полициски службеници, за кандидати за Основна обука за полицаец и за претставници на Академијата за судии и обвинители и има за цел токму поттикнување на таа заедничка координирана акција во спречувањето и превенирањето на семејното и родово базираното насилство.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева, рече дека во рамките на МЗ е изготвен и Прирачник за родово базирано насилство, што истовремено ги вклучува и лицата со попреченост кај што овој вид на насилство, што, како што истакна, често пати е и многу почест.  

-Во рамките на нашата институција, а во соработка со Катедрата за семејна медицина во рамки на Медицинскиот факултет во Скопје досега се обучени над 400-ини здравствени работници и тоа лекари по семејна медицина и доктори по општа медицина за справување со насилство, а предвидено е овие обуки на лекарите да продолжат и во наредниот период и тоа во соработка со професионалните здруженија и секако со надлежните институции, рече Манолева.

 МЗ во соработка со УНДП и УНФП, како и со граѓанскиот сектор интензивно работеле на воспоставување три центри за упатување на жртвите од семејно и сексуално насилство согласно Истанбулската конвенција.

-Овие три центри функционираат во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, потпа во Клиничката болница во Тетово и во Општата болница во Куманово. За жртвите на сексуалното насилство сите услуги во центрите се комплетно бесплатни, истакна Манолева.  

Посочи дека во овие центри се врши мултисекторски пристап кон лицата жртви на сексуално насилство од т.н. тим за третман во којшто се вклучени доктор, социјален работник и психолог од ЈЗУ. 

-Доколку се работи за дете жртва на сексуално насилство задолжително се информира и јавниот обвинител и Центарот за социјални работи од подрачната служба за да се постапи согласно законската процедура за испитување, преглед и собирање на докази кај малолетно лица. Секој случај се евалуира одделно бидејќи некогаш пријавувањето на какво било сомнение за сексуално искористување на дете може да биде штетно за самото дете доколку не се преземени соодветни заштитни мерки, истакна Манолева.  

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ потенцира дека родово-базирано и семејно насилство во земјава се третира како кривично дело.

-Зошто го зборувам ова? Затоа што семејното насилство, вклучувајќи го и домашното насилство е едно од најсериозните форми на повреда на човековите права кои мора да бараат кривичен правен одговор. Затоа Министерството во февруари 2023 при хармонизација на одредени одредби со Истанбулската конвенција го измени и дополни Кривичниот законик каде што најсоодветно и најдобро ги дефинира сите оние одредби и сите оние мерки коишто можат од страна на правосудните органи и обвинителството и судството да бидат преземени за заштита на родовото и семејното насилство, рече Аврамовска Мадиќ.  

Додаде дека станува збор за дефиниција на семејство насилство што беше надоградено и додадено посебно како кривично дело дефиницијата жртви на кривично дело кои се дополнија со жртва на родово-базирано насилство под што се подразбира дека за секоја жена и девојче до 18 години спрема кои е сторено кривично дело ќе има многу повисоки казни.

- Првпат е дефинирано родово базирано насилство врз жените, насилство насочено против жена поради нејзина припадност на женски род што доведува или може да доведе до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за таквите акти, изнуда или произволно лишување од слобода без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. Исто така ги додадовме и кривичните дела осакатување на женски полови органи, демнеење и половото вознемирување, рече Аврамовска Мадиќ.

Панел дискусијата беше реализирана во присуство на претставници од релевантни државни институции, меѓународни организации и национални граѓански организации во рамки на глобалната тема за 2023 година: „Да се вложиме заедно, да го спречиме насилството врз жените и девојчињата “ (UNITE! Invest to prevent violence against women and girls). нд/лв/

 

 

 

Остани поврзан