• понеделник, 23 декември 2024

Панел за еврокодовите во градежништвото на Конференцијата за патна инфраструктура во Охрид

Панел за еврокодовите во градежништвото на Конференцијата за патна инфраструктура во Охрид

Охрид, 3 ноември 2023 (МИА) - „Еврокодови – Европски стандарди за конкурентно и квалитетно градежништво“ беше првиот панел што се одржа на вториот ден од Првата Конференција за патна инфраструктура (КПИ) 2023 што од вчера се одржува во Охрид.

Министерството за транспорт и врски, согласно Законот за градење во 2020 година, донесе измена на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање со која ги вгради Европските прописи за проектирање на градежни конструкции – Еврокодови и предвиде нивна паралелна примена со постојните стандарди и нормативи за проектирање до септември 2024 година.

Соња Черепналковска од Институтот за стандардизација, во го истакна огромното значење на примената на Еврокодовите и во градежништвото во Северна Македонија.

 „Еврокодовите прв пат на европско ниво се усвоени и публикувани во 2007 година и од 2010 година тие се задолжителни во сите земји членки на Европската Унија. Градежниот факултет веднаш уште во 2007 година достави иницијатива до Институтот за стандардизација за формирање на Технички комитет со цел да се подготви стратегија за имплементација на овие европски стандарди и во нашето домашно законодавство, но се до 2018 година немавме голем напредок. Драго ми е што од 2020 година тие се вметнати во Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање, а примената треба да започне од септември 2024 година. Со примена на Еврокодовите ќе се подигне нивото на квалитетот на проектирањето, ќе се даде поголема можност на домашните компании да учествуваат на европскиот и домашниот пазар, изјави Черепналковска.

Професорката Елена Думова - Јовановска од Градежниот факултет во Скопје се осврна на едикацијата на студентите, идни инженери во насока на изучувањето на еврокодовите и што превзема Факултетот околу едукацијата на веќе завршените инженери во однос на овие еврокодови.

-Уште кога се донесе одлуката за паралелна употреба на европските стандарди во 2020 година, веднаш се премина на задолжителните дисциплини кои се однесуваат на проектирање на бетон и челик, се пристапи кон задолжителна обука. Така што, можам да кажам дека првата генерација на дипломирани градежни инженери кои догодина ќе ги земат своите дипломи  веќе ги изучуваат современите стандарди. Организиравме и дополнителни обуки за активните инженери, заедно со Комората за овластени инженери и архитекти. Инженерската струка бара константно учење и константен напредок. Ако сакаме да бидеме проектанти, ревиденти, ние имаме обврска да го имаме потребното знаење. Развојот на науката е огромен и ние мораме да се држиме во чекор со најновите стандарди, рече  таа.

 Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени инженери и архитекти, пак, ги потенцираше досегашните активности кои Комората ги презема во однос на имплементацијата на еврокодовите.

-Комората ги следи процесите уште од 2007 година и бевме активно вклучени со сите капацитети во рецензија на стручните текстови, со цел синхронизација на стручни поими за да не се случи двојно толкување кои би претставувало проблем во имплементацијата. Во 2020 година кога беа донесени измените во Правилникот, веднаш пристапивме кон оддржување на обуки, кои се уште се во тек. Ги охрабрувам сите колеги инженери и архитекти да ги посетат овие обуки, истакна Чулак.

Еврокодовите претставуваат сет од 59 стандарди кои што ги утврдуват правилата и принципите за бетонски, челични, ѕидани, алуминиумски и дрвени конструкции и ги даваат и геотехничките пресметувања и пресметувањата на сеизмичката отпорност на конструкциите. аб/лв/

фото/Стопанска комора

 

Остани поврзан