• среда, 04 декември 2024

Панел дискусија за образование што ќе обезбеди посилен економски раст

Панел дискусија за образование што ќе обезбеди посилен економски раст

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) – Што треба да направи земјава за да креира подобар раст и да се создадат работни места со поголема вредност и таквите работни места да им се дадат на младите, е целта на панел дискусија за Економскиот извештај на Светска банка за Европа и Централна Азија, насловена „Подобро образование за посилен раст“ што денеска се одржува во Ректоратот на  УКИМ во Скопје.

Извештајот се фокусира на регионални прашања и планови и во него се спомнува што се е потребно да се направи и какво осмислување на реформите во образованите треба да се случи за да се направи поврзаност помеѓу вештините и побарувачката која постои на пазарот на трудот.

-Тука сме да го презентираме регионалниот извештај кој се фокусира на улогата на подоброто образование за раст. Ова е прашање со кое се соочуваат многу од земјите во Европа и Централна Азија и е поврзано со тоа каква земја би сакале да бидат сите земји во регионот. Нашите напори ги фокусираме на подобро усогласување на потребните вештини и побарувачката која ја има на пазарот на трудот за таквите вештини. Во таа насока гледаме силна посветеност за реформирање и активности. Ова не е само празна буква на хартија, туку се работи за активности и посветеност од страна на сите засегнати, изјави Максимилијано Паолучи, директорот на канцеларијата на Светска банка во земјава пред почетокот на панел дискусијата.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека фокусот на дебатата ќе биде образованието како еден од столбовите на државата која гради човечки капацитети за нејзин развој.

-Промени се потребни и Светска банка ги препознава потребите на она што треба да се направи и на она што се правело во минатото и ќе се прави во иднината. Се надевам дека ќе продолжиме да соработуваме во ист стил како и досега со нивна силна поддршка за да обезбедиме подобро образование, а преку тоа и подобар развој на општеството. Се надевам дека ќе биде препознаена и амбицијата, волјата, но и синергијата со кои што новата Влада работи за да ги постигне овие цели, рече Јаневска.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова порача дека е неспорна врската помеѓу високото образование, науката и економскиот раст.

-Денеска ќе дебатираме дали универзитетите во нашата земја генерираат човечки капитал кој има капацитет, знаење и вештини да одговори на иновациската агенда на нашата земја, да ја подобри продуктивноста и да ја направи економијата поконкурентна, а со тоа и поотпорна. Ќе се дебатира на неколку теми, ќе има експерти од Светска банка кои ќе ги презентираат нивните извештаи за економскиот раст во Европа и Централна Азија како извештаи кои се однесуваат на политиките во контекст на реформите во образованието во земјите на Европа и Централна Азија, појасни Ангелова.

Нагласи дека од анализите кои ги бараат коморите и пазарот на трудот произлегува дека е потребна уште работа за да може високото образование во земјава да одговори на динамичните промени на пазарот на трудот.

-Потребни се реформи во високото образование со кои ќе се зајакнат иновациските капацитети кај вработените, а индиректно и кај компаниите, бидејќи она што ние го продуцираме како човечки капитал завршува на пазарот на трудот во реалниот сектор, рече Ангелова.

Порача дека пазарот во најскоро време ќе даде одговор дали се создаваат премногу кадри од техничките науки, особено на ФИНКИ.

-Образованието што го добиваат нашите студенти на ФИНКИ е препознатливо секаде низ светот и нашите дипломци од таму практично завршуваат на глобалниот пазар, истакна Ангелова. вј/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан