• сабота, 27 јули 2024

Панел-дискусии на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конвенцијата за кандидатурата за претседател на Силјановска-Давкова

Панел-дискусии на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конвенцијата за кандидатурата за претседател на Силјановска-Давкова

Скопје, 2 март 2024 (МИА) - „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“  е насловена една од двете панел-дискусии што ги одржува ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата, од 13 часот, на која ќе биде промовирана кандидатурата за претседател на државата на Гордана Силјановска-Давкова. Професорката на Правниот факултет на УКИМ и член на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена која се пријавила на повикот на партијата за оваа функција. 

Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски на панел-дискусијата рече дека на денешната конвенција „ќе се понуди надеж и претседател кој ќе биде лидер на нацијата“.

-Ние сме дојдени денес да понудиме надеж, да дадеме решенија. Да разговараме за претседател којшто треба да биде лидер на нацијата. Претседател кој има широки надлежности во внатрешната политика, а уште пошироки надлежности во надворешната политика, којшто ќе биде претседател на земја членка на НАТО, на земја која што посакува да стане полноправна членка на ЕУ. Но, претседател којшто ќе не води по тој пат со заштитен дигнитет и заштитени национални интереси, рече Муцунски.

Според него, треба да се избере активен претседател на државата кој ќе се грижи за македонските национални малцинства кои живеат надвор од државата, односно, како што рече, „не само претседател кој зборува за проблемите, туку претседател којшто помага и нуди решенија“.

Пратеникот Миле Лефков на панел-дискусијата истакна дека  важно е да се избере претседател кој има способност, квалитет, искуство и визија.

-Важно е да има одредени способности, да имам одредени квалитети, да има знаење, да  има искуство, да има визија. Меѓутоа уште еден аспект кој што е многу важен, а тоа е неутралноста и независноста, потенцираше Лефков според кого во изминатите пет години државава имала претседател „верен партиски слуга на владата на СДС, кој се согласувал со секакво кршење на законите“. 

Официјалниот дел на конвенцијата ќе се одржи во Филхармонија од 13 часот. По завршување на работата на работното претседателство, согласно предвидениот дневен ред, обраќање ќе има кандидатот за претседател Силјановска-Давкова, по што ќе следува двочасовна пауза за гласање. По утврдување на изборот, како што информираше ВМРО-ДПМНЕ, обраќање ќе има повторно веќе избраниот кандидат на конвенцијата и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. хс/лв/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан