• петок, 05 декември 2025

Палестинската управа го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката за укинувањето на визите

Палестинската управа го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката за укинувањето на визите

Рамала, 29 август 2025 (МИА) – Палестинската управа денеска го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката да не одобри визи за палестинската делегација која треба да присуствува на Генералното собрание на ОН, каде што се очекува Франција да се залага за признавање на палестинска држава.

- Палестинското претседателство изрази длабоко жалење и згрозеност поради одлуката што е спротивна на меѓународното право, се вели во соопштението, кое го пренесе палестинската агенција Вафа.

Агенцијата потсети дека „државата Палестина е член набљудувач во ОН“.

Американските власти претходно денеска соопштија дека им ги укинуваат визите на членовите на Палестинската управа пред Генералното собрание на ОН закажано за септември.

- Државниот секретар Марко Рубио им ги одзема и им забранува визите на членовите на Палестинската ослободителна организација и на Палестинската управа пред претстојното Генерално собрание на ОН, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Овој вонреден чекор дополнително ја приближува американската администрација до израелската влада, која категорично ја отфрла идејата за палестинска држава.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, денеска ја поздрави одлуката на САД да им ги укинат визите на палестинските функционери пред седницата на Генералното собрание на Обединетите нации следниот месец.

Тој му се заблагодари на американскиот државен секретар, Марко Рубио, поради тоа што со овој потег ја повика на одговорност Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и Палестинската управа (ПА) „заради наградувањето на тероризмот, како и поради поттикнувањето на војната против Израел“, пренесе Тајмс оф Израел.

Шефот на израелската дипломатија, исто така, рече дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп „со овој смел чекор уште еднаш застанала на страната на Израел“. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан