• четврток, 26 март 2026

Пакистански министер за одбрана Асиф: Во секој момент претстои воена инвазија од страна на соседна Индија

Пакистански министер за одбрана Асиф: Во секој момент претстои воена инвазија од страна на соседна Индија

Исламабад, 28 април 2025 (МИА) - Министерот за одбрана на Пакистан, Хаваџа Мухамед Асиф денеска изјави дека во секој момент претстои воена инвазија од страна на соседна Индија, по смртоносниот напад врз туристи во Кашмир минатата недела, што ги заостри тензиите меѓу земјите со нуклеарно оружје.

Во нападот загинаа 26 лица и тоа предизвика гнев во Индија, како и повици за преземање дејствија против Пакистан.

Индија го обвинува Пакистан за поддршка на милитантите во Кашмир, регион над кој двете земји тврдат дека имаат контрола и воделе две војни, забележуваат агенциите.

„Ги зајакнавме нашите сили, бидејќи ова е нешто кое претстои во секој момент. Значи, мора да се донесат некои стратешки одлуки и тие се веќе донесени“, рече Асиф.

Тој рече дека реториката на Индија станува сè поостра и дека вооружените сили на Пакистан ја информирале владата за можноста за индиски напад. Тој не даде дополнителни детали за причините поради кои смета дека во секој момент претстои  инвазија.

По нападот во Кашмир, Индија идентификуваше двајца осомничени како пакистански државјани. Исламабад негира каква било улога во нападот и побара неутрална истрага.

Асиф, исто така, рече дека Пакистан е во состојба на висока готовност и дека ќе го употреби својот арсенал од нуклеарно оружје само ако „постои директна закана за неговото постоење“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан