Пакистан тврди дека уништил индиски противвоздушен систем, Индија негира
- Пакистанските вооружени сили денеска соопштија дека уништиле индиски противвоздушен одбранбен систем С-400, произведен во Русија, со хиперсонични ракети во градот Адампур, сојузната држава Пенџаб, пренесе ДПА.
Исламабад, 10 мај 2025 (МИА) – Пакистанските вооружени сили денеска соопштија дека уништиле индиски противвоздушен одбранбен систем С-400, произведен во Русија, со хиперсонични ракети во градот Адампур, сојузната држава Пенџаб, пренесе ДПА.
Според пакистанските воени извори, нападот бил извршен со ракети лансирани од нивен борбен авион JF-17. Вредноста на уништениот систем се проценува на 1,5 милијарди долари.
Од друга страна, индиските воздухопловни сили ги отфрлија овие тврдења. Портпаролот на индиските ВВС, Џајдип Синг, изјави дека станува збор за „фалсификат“ и најави проверка на фактите.
На прес-конференција во Њу Делхи, полковник Софија Куреши истакна дека Индија извршила напади врз пакистански воени бази како одговор на пакистанските ракетни напади врз индиски воениот аеродром во Пенџаб, но и врз здравствени установи и училишта.
Пакистан, пак, тврди дека дејствувал откако одбил индиски напади, додека тензиите меѓу двете нуклеарни сили продолжуваат да растат.
Хиперсоничните ракети, поради нивната голема брзина, се сметаат за тешко пресретливи од противвоздушните системи.
Индискиот полковник Куреши изјави дека пакистанските акции добиле „соодветен одговор“, а претставник на индиските ВВС додаде дека Пакистан распоредува трупи долж границата, што укажува на подготовки за ескалација.
Индиските вооружени сили остануваат во состојба на висока борбена готовност, но нагласуваат дека нема да ја ескалираат ситуацијата доколку Пакистан покаже воздржаност.
Главниот секретар на индиското Министерство за надворешни работи, Викрам Мисри, пакистанските акции ги нарече „провокација“, а индискиот одговор „сразмерен“. ссм/
фото: ЕПА