• понеделник, 23 декември 2024

Пад на увозот на енергенси во ЕУ во третиот квартал од 2023 

Пад на увозот на енергенси во ЕУ во третиот квартал од 2023 

Брисел, 28 декември 2023 (МИА) - Во текот на третиот квартал од оваа година во ЕУ се увезени 65 милиони тони енергенси во вкупна вредност од 35,4 милијарди евра, што претставува намалување на годишно ниво за 11,3 проценти според количеството и за дури 49,1 отсто според вредноста, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, од вкупната вредност на увезени на стоки и услуги во ЕУ во периодот јули-септември 2023 година, 17,7 проценти отпаѓа на енергенси. 

Во споредба со третиот квартал од 2022 година, со истото овогодишно тримесечје, учеството на увозот на нафта и нафтени деривати остана на непроменето ниво, додека на природен гас се намали од 13,1 на 5,2 отсто. 

Во текот на 2021 година учеството на нафтата и нафтените деривати во вредноста на вкупниот увоз на ЕУ изнесуваше 9,1 еден отсто, во 2022 година порасна на 11 проценти, а во првите три квартали од оваа година е 10,6 отсто. 

Од друга страна, учеството на природниот гас во вредноста на европскиот увоз во 2021 година достигна 5,1 проценти, лани се зголеми на 10,8 отсто, а годинава од јануари до септември изнесува 6,5 проценти. 

Најголем дел од нафтата увезена во ЕУ во третиот квартал од 2023 година или 17,7 отсто потекнувала од САД, по што следува Норвешка со 13,7 и Казахстан со 8,2 проценти. 

Норвешка во истото тримесечје беше главен извор за увоз на природен гас во гасна состојба во ЕУ со дури 48,6 отсто од вкупното количество на увезениот енергенс, пред Алжир со 17,8, Русија со 16 и Велика Британија со 10,5 проценти. 

САД, пак, се главни добавувачи на течен природен гас во ЕУ со удел од 48,5 проценти, пред Катар со 14, Алжир со 10,1 и Русија со 8,8 отсто. 

Статистичките податоци на Евростат укажуваат на намалување на учеството на руските енергенси во увозот во ЕУ, како резултат на агресијата на Русија врз Украина. Така, во третиот квартал од 2022 година руските енергенси учествуваа со 14,5 отсто во вкупниот енергетски увоз во ЕУ, за во истото тримесечје од оваа година тоа учество да се сведе на 6,5 проценти. сп/

Фото: МИА Архива/Евростат

Остани поврзан