• четврток, 09 април 2026

Мицкоски: Изградбата на автопатите е во согласност со планираното, Кичево - Охрид ќе се заврши со домашно финансирање 

Мицкоски: Изградбата на автопатите е во согласност со планираното, Кичево - Охрид ќе се заврши со домашно финансирање 

Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од динамиката на изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и на Коридорот 10 д и најавува дека со обезбеденото финансирање од домашните банки за заокружување на автопатот Кичево - Охрид оваа делница ќе стане функционална.  

- Сите делници од Коридорот 8 се одвиваат во согласност со предвидената динамика. Моментно се работат галериите. Имавме мала тешкотија, морам да признам, особено во делот на обезбедувањето средства за довршување на делницата Кичево - Охрид затоа што заемот од кинеската Ексим банка повеќе не го добиваме, престана, но бргу се реорганизиравме. Тој проблем е надминат, формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително поволни услови и тие практично ќе го дозавршат финансирањето. Тоа ќе биде последно и со ова, конечно, таоваа делница ќе биде функционална - рече Мицкоски на новинарско прашање при посетата на Струга.

Исто така, дополни премиерот, напредува и делницата Тетово - Гостивар и Гостивар - Букојчани, а предаден е и извештајот до заемодавателите за делницата Букојчани, приклучок Кичево, на автопатската делница Кичево - Охрид. Во тој дел сум исклучително задоволен. Исто така, прилично солидно напредува и реализацијата на делницата Прилеп - Битола, која е дел од Коридорот 10 д - изјави Мицкоски. 

Во однос на трасата на Коридорот 8, која помиува низ заштитено подрачје, Мицкоски рече дека одблиску ја следи состојбата и оти во јуни работите ќе бидат појасни, по посетата на инспекција на УНЕСКО на земјава.

- Што се однесува до трасата, ако не е таа, ние ќе најдеме решение со друга траса. Но тоа е повторно состојба во која не сме толку многу загрижени бидејќи има решение. Поголемо решение е со семејните судбини, кога семејствата не може да се развиваат, тука многу внимателно мора да пристапиме, а имаме и однесување во минатото, кое, за жал, е забележано тука во општина Струга, кое нанело непоправливи штети на имиџот на државата пред УНЕСКО - потенцира Мицкоски.

Тој очекува дека во втората половина на мај ќе пристигне инспекција на УНЕСКО, истакнувајќи дека лично ќе ги пренесе аргументите пред нив.

- Мислам дека во втората половина на мај треба да дојде инспекција од УНЕСКО. Јас лично ќе бидам нивен домаќин и лично јас ќе им ги пренесам аргументите што сега ги зборуваме. Ние мора ова да го развиваме. Струга и Охрид се наши туристички бисери и ние мора да ги развиваме. Има и други туристички места во светот што се под УНЕСКО, но се развиваат, и ние бараме ист и фер третман. Ние како Влада ќе сториме сè што е наш приоритет и во интерес на граѓаните - истакна премиерот.лв/нд/

фото: МИА  

 

 

Остани поврзан