• недела, 22 декември 2024

Паднаа резервите на нафта во САД, цените благо пораснаа

Паднаа резервите на нафта во САД, цените благо пораснаа
Лондон, 14 мај 2020 (МИА) – Неочекуваниот пад на резервите на нафта во САД денеска ја зголеми цената на овој енергенс, но во ограничен степен, поради негативните перспективи на американската економија, каде што коронавирусот ја „убива“ и побарувачката на гориво, како и поради стравувањата од потенцијал втор бран на епидемијата. Цената на фјучерсите на северноморската нафта „брент“се зголеми за 18 центи или 0,6 проценти, на 29,37 долари за барел во 6:21 часот по средноевропско време. Фјучерсите на американската „лесна“ нафта WTI пораснаа за 23 центи или за 0,9 проценти на 25,52 долари за барел. Цените на „црното злато“ бележат закрепнување во последните две недели, бидејќи некои земји ширум светот ги олеснија ограничувањата за движење воведени како резултат на епидемијата на коронавирусот и почнаа со повторно отворање на фабрики и продавници. Сепак, во Јужна Кореја и Кина се регистрирани нови случаи на заразени, што ги разгоре стравувањата од можен втор бран на заразата кој би влијаел на економското закрепнување и побарувачката на гориво. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел вчера предупреди на потенцијално „подолг период“ на слаб економски раст и повика на дополнителна фискална потрошувачка за да се ублажат негативните ефекти од пандемијата врз економијата. Падот на американските залихи на сурова нафта обезбеди поддршка за цените на почетокот на тргувањето. Количините на наста во американските складишта паднаа за 745.000 барели на 531,5 милиони барели во седмицата до 8 мај, што е прв пад од јануари, соопшти Управата за енергетски информации (ЕИА). Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) објави дека очекува пад на глобалната побарувачка на нафта за 9,07 милиони барели во 2020 година поради падот на потрошувачката на гориво, што е значително полошо од претходната прогноза за пад на побарувачката за 6,85 милиони барели. ОПЕК исто така соопшти дека очекува најголем пад на побарувачката да биде забележан во вториот квартал. јт/

Остани поврзан