• недела, 22 декември 2024

ОЈО Скопје отвори истражна постапка против пет лица за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

ОЈО Скопје отвори истражна постапка против пет лица за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице. 

Станува збор за случајот со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27, односно 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Осомничени за нивното убиство се Љупчо Палевски - Палчо кој вечерва, како што соопшти министерот за внатрешни работи, е уапсен во Турција и неговите сопартијци, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна. Осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на Вања е и нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски. Тие беа вечерва спроведени во Основниот кривичен суд Скопје каде судија на претходна постапка ќе треба да одлучи по предлогот на обвинителството за продолжување на мерката притвор.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.

На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен. 

Oсновното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија. аа/ар/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан