Покрената истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје против напаѓачот на социјалната работничка
- Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, за обид за убиство и недозволено држење оружје, откако вчера во просториите на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, со умисла се обидел да ја лиши од живот социјалната работничка, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, за обид за убиство и недозволено држење оружје, откако вчера во просториите на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, со умисла се обидел да ја лиши од живот социјалната работничка, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Против лицето, како што информира ЈОРСМ, постои основано сoмнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
- Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија. Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината. Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. аа/бак/
Фото: МИА архива