• вторник, 21 јануари 2025

ОЈО ГОКК поднесе обвинение за четири физички и едно правно лице за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

ОЈО ГОКК поднесе обвинение за четири физички и едно правно лице за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по спроведена сеопфатна истражна постапка денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице и Обвинителен предлог против едно правно лице и три физички лица за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, информираат од Обвинителство.

Во периодот од 2014 до 2020 година во Тетово, првообвинетиот С.Ш. како сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово, заедно и по претходен договор со третообвинетиот Х.Ф. тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески -Смок” – Тетово и со четвртообвинетиот А.А. – претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на Центарот за култура, свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување на договорот за јавна набавка и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.

Со дејствија што, како што информираат од ЈОРСМ, претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, обвинетите за второбвинетото правно лице оствариле имотна корист од големи размери во износ од 832.983.064,00 денари.

- Искористувајќи исти прилики преземале повеќе временски поврзани дејствија на прифаќање усогласени понуди, времени и завршни ситуации со кои целосно бил променет предметот на договорот што се намалил од договорените 22 позиции и завршување на објектот до фаза „клуч на рака“, во завршување на само 4 позиции во фаза „затворена карабина“ без притоа да има одобрен проект за истото. Воедно, ја зголемувале вредноста на проектот, а за да ја оправдаат склучиле 12 анекси на договорот, со што бил исплатен износ за 138.488.064,00 денари повеќе од првично договореното и од предвидените материјални средства за таа намена. Со така склучените анекси, иако постапката била неделива, го поделиле и го измениле предметот на склучениот договор од фаза „клуч на рака“ во фаза – затворена карабина и на тој начин овозможиле во иднина да се водат две нови постапки за јавни набавки и да се доделуваат нови договори за доградба – втора фаза, со што овозможиле корист за потенцијалните економски оператори во дополнителните постапки, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Во 2018 и 2021 година спровеле нови постапки за јавни набавки – едната за изработка на проектна документација фаза ентериер за објект во изградба и втората со предмет на договор – Втора фаза за изградба на нов објект за Театар и библиотека Тетово. Со склучувањето на нови договори во вкупен износ од 1.345.917.098,оо денари без ДДВ извршиле процентуално надминување на вредноста на основниот договор со зголемување од 93% од договорената цена со основниот договор која изнесувала 694.495.000,оо денари без ДДВ.

Дополнително, се вели во соопштението, со неизвршување на законските обврски за евидентирање и пријавување на даночни обврски и поради тоа што не изготвиле основен проект на изменета состојба, на штета на Буџетот на РСМ од средствата дополнително одобрени и наменети за проект и јавна набавка на ентериер за театарот, се задолжени и се исплаќаат значителни износи од 232.699.289,00 денари за данок на ДДВ, кој навремено не го евидентирале и пријавиле и од кој би биле ослободени.

Петтообвинетиот Б.М. како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година искористувајќи исти прилики, преземал повеќе временски поврзани дејствија на пропуштање должен надзор и на друг начин очигледно несовесно постапувал при вршење на неговите посебни овластувања. Тој ги потпишувал градежните дневници и книги со количини според основниот проект, овозможил да бидат потпишувани анекси на договори врз основа на претходно доставени времени и завршни ситуации и да биде извршен технички прием на објектот Театар и Библиотека Тетово, иако одредбите од Законот за градење претходно требало да биде изготвен Проект на изведена состојба врз основа на новата состојба на објектот со нови количини, а имајќи предвид дека конструктивниот систем бил целосно сменет, со нов проект требало да се бараат нови конструктивни и статички анализи на објектот. Како резултат на тоа што не бил изготвен Проектот на изведена состојба и немало решение за одобрување на измените што би било составен дел од одобрението за градење, не бил изготвен и Проект за употреба и одржување, па  така објектот не може да се запише во јавните книги на недвижности. Со ваквите дејствија потешко ги повредил правата на НУЦК „Иљо Антески Смок “ – Тетово – Министерство за култура и туризам.

Според деталниот опис содржан во диспозитивот на обвинението првообвинетиот С.Ш. и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Х.Ф. и А.А. сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. ст.1 в.в. сo чл.45 од КЗ и обвинетиот Б.М. сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата од чл. 353-в ст.4 в.в. ст.2 в.в. чл. 45 од КЗ. аа/вг/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан