• сабота, 21 декември 2024

Оценка 2.91 за патувањето со воз, пругите „чекаат“ приватни оператори и ремонти

Оценка 2.91 за патувањето со воз,  пругите „чекаат“ приватни оператори и ремонти

Скопје, 1 јануари 2024 (МИА) - Железничкиот сектор во државава за годината што измина доби оценка 2.91 од патниците. Му се случија шест бојкоти со прекини на сообраќајот, а застои предизвикаа и оштетувањата од пожари на пругата кај Битола и напукнувањето на столбот на железничкиот мост на река Црна, кај локалитетот Стоби, што го блокираше товарниот превоз со Грција. 

Новина за железницата е либерализацијата со законските измени што стапија во сила од 1 декември и се овозможи и приватни оператори да се вклучат во товарниот превоз, што често трпи штети од штрајковите што ги организираат синдикатите, претежно за исплата на плати. 

На најголемиот дел од пругите, според надлежните институции, треба да се изврши ремонт, а од инвестициите за изградба на новата инфраструктура, се очекува да продолжат тековните активности на првите две делници од пругата кон Бугарија. За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, пак, да се избере изведувач на градежните работи во третиот квартал годинава и работите да почнат во 2025 година. Проект во најава е и брзата пруга Ниш-Скопје, додека повторното железничко поврзување со Грција и преку ГП Меџитлија, се уште чека договор помеѓу  надлежните  железнички претпријатија во двете држави. 

Поплаки дека нема информации за сообраќањето на возовите, за хигиената, издавањето билети... 

-Состојбата со услугите, согласно анкетите на испитаниците во 2023 година е оценета со 2.91 и е подобра од 2022 година кога е оценета со 2.76 на скала од 1 до 5, велат за МИА од Агенцијата за регулирање на пазарот во железничкиот сектор. 

Главни забелешки и коментари од патниците се: немање информација дали возот ќе патува и од кога, повеќе вагони (во „ударни денови“ и викенд), нови возови, односно да се обноват превозните средства, хигиена (во самите возови, санитарни јазли и железничките станици).

Патниците бараат и издавање/продажба на билети во број колку што има слободни места во возот, можност за резервација на билети неколку дена претходно со нумерација по седиште, електронско купување на карти. 

Нема пречка по нашите пруги да возат и приватни оператори 

Со измените на Законот за железнички систем, што стапија во сила од 1 декември лани, сите заинтересирани оператори, домашни, но и странски можат слободно да работат во државава и да возат по нашите пруги. Приватните оператори ќе треба да склучат правен договор со ЖРСМ Инфраструктура за користење на пругите. 

Постапката за работа на други оператори е предвидена во законите што ја регулираат дејноста на железничкиот систем. Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор како регулаторно тело е надлежна за издавање на дозвола за железнички превозник, која е во согласнот со регулативата на ЕУ. Управата за сигурност на железничкиот систем, пак, издава сертификат за сигурност на железничкиот оператор. Со исполнување на овие два услови правното лице се стекнува со право на железнички оператор.  

Со либерализиацијата на пазарот се очекува зголемен обем во товарниот железнички сообраќај. Од Министерството за транспорт велат дека ќе се овозможи поголема искористеност на делот од Коридорот 10  како најзначаен транзитен коридор од Солунското пристаниште до Централна Европа и која е најбрзата и најевтината рута за железничките оператори. 

-Тоа значи поголема искористенот на Коридор 10 која од економски аспект подразбира приходи во железничкото претепријатие и ова мора да го искористиме. Државниот железнички оператор кој што со години добива огромни субвенции, мора да се реформира и да биде конкурентен. Сите примери во другите земји во регионот покажуваат дека со отворање на железничкиот пазар зголемена е конкуренцијата и капацитетот на превозни средства а со тоа и обемот на работа. Ова очекуваме да се случи и кај нас во наредниот период, изјавија за МИА од Министерството за транспорт.  

Со либерализацијата, посочуваат, се исполнува и препораката на Европската унија за имплементација на европското законодавство во делот на железничкиот сообраќај.

Во 2024 година со воз ќе се патува на четири релации,  субвенции од 445 милиони денари за патничкиот превоз

Во возниот ред за 2023/2024 година се планирани возови во локалниот патнички собраќај на релациите Велес-Табановце и Табановце-Велес, Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје, Битола-Скопје и Скопје-Битола, како и Велес-Скопје и Скопје-Велес. Меѓународниот патнички воз Белград-Скопј -Солун и обратно се уште не во функција поради реконструкција на делот од пругата помеѓу Ниш и Брестовац. 

Од ЖРСМ Транспорт АД Скопје за МИА информираат дека заклучно со крајот на ноември 2023 година со Железницата биле превезени 267 186 патници и реализирани 30.868.649 патнички километри, а во товарниот сообраќај се превезени 789.213 тони стока со 143.121.467 нето тонски километри.

Во патничкиот сообраќај со планот за 2024 година се предвидува да се задржат истите патници и патнички километри од 2023 година, а во товарниот зголемување за 10 проценти на превозот на стоки.

Генерираните приходи во патничкиот сообраќај во 2023 година заклучно со 31 октомври годинава изнесуваат 22.226.899 денари, а во товарниот изнесувале 380.032.107 денари. 

Во буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава се предвидени средства за субвенционирање на патничкиот сообраќај на АД ЖРСМ Транспорт, во износ од 445 милиони денари.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му испрати писмо на српскиот претседател Александар Вучиќ во кое му се заблагодарува за „продуктивната средба во Брисел на 26 април  

Пругите ќе се обновуваат со 310 милиони денари, потребни ремонти на поголемиот дел 

За реконструкција на постоечките пруги со буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2024 година се предвидени  310 милиони денари, средства што ќе ги менаџира надлежното претпријатие ЖРСМ инфраструктура.

Во анализите на надлежните сектори за одржување на пругите при ЖРСМ Инфраструктура, пругата Велес-Гевгелија е оценета генерално во добра кондиција, со тоа што на делниците од станица Велес до стојалиште Ногаевци и станица Дуброви до станица Миравци потребно е да се изработи ремонт. На другите делови на пругата Велес-Гевгелија направен е ремонт, пришто дрвените прагови се заменети со бетонски прагови и пругата е во долг шински спој. Мостот на река Црна кој поради напукнат столб не е во функција од средината на ноември се санира и се очекува наскоро да биде во функција. Оттогаш не сообраќаат товарните возови со Грција, а патничкиот сообраќај се одвива со премостување, патниците од Градско до Криволак, се префрлаат со автобус, а потоа патувањето го продолжуваат со воз. Првичните проценки се дека штетите во товарниот сообраќај изнесуваат милион евра. 

Според ЖРСМ Инфраструктура, општата состојба на пругата Велес-Битола-Жабени е во добра кондиција, но неопходен е ремонт на некои делови. Делот Битола-Жабени-граница Грција е ремонтиран со бетонски прагови. Се одржува редовно и ги задоволува критериумите за постоечкиот сообраќај.

Пругата Велес-Кочани, пак, е застарена со дрвени прагови и класичен состав на шините со различни типови и должини. Според ЖРСМ Инфраструктура, редовно се одржува и е во задоволителна состојба, а и покрај тоа што подолго време не сообраќаат возови на оваа делница, секогаш е проодна за шински возила. Потребни се ремонти на повеќе делници.

Оценката на Секторот за одржување Скопје (ЗОП Скопје), е дека состојба на пругата Табановци-Скопје генерално е во добра кондиција. Од Табановци до Куманово е направен ремонт и старите дрвени прагови се заменети со бетонски, останатиот дел од станица Куманово до станица Скопје шините се поставени на дрвени прагови и потребно е да се изработи ремонт.

Пругата Скопје-Велес од станицата Скопје до станица Зелениково исто така е генерално во добра состојба, додека делот од Зелениково до Велес на кој дел се вози со намалена брзина од максимум 20 километри на час, потребно е во што побрз рок да се изврши ремонт и старите дрвени прагови да бидат заменети со нови бетонски прагови и нови шини.

-Сектор ЗОП Скопје во рамки на своите можности работи на измена на дрвени прагови и шини на зголемување на брзината. Во генерално добра кондиција велат дека е и пругата граничен премин Блаце-Скопје, како и Ѓорче Петров-Кичево, иако на неа не се одвива железнички сообраќај. Пругите во Скопски Железнички Јазол кои се користат за железнички сообраќај се релативно во добра состојба, но потребно е да се изврши ремонт на поголем дел од нив, изјавија за МИА од ЖРСМ Инфраструктура.

Најава дека од октомври ќе се патува на делницата Куманово-Бељаковце 

Фокусот на Министерството за транспорт и врски за наредните години, како што велат, е сериозен развој на железничката мрежа преку изградба на нови пруги на коридорите 8 и 10. Вкупната инвестиција ќе изнесува над 750 милиони евра. За источниот дел на Коридор 8 за делниците од Куманово до Бељаковце и понатаму до Крива Паланка инвестицијата е над 200 милиони евра. За третата фаза од Крива Паланка до ГП Деве Баир се обезбедени грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, грант од ВБИФ во износ од 149 милиони евра и два заеми од ЕБОР и ЕИБ во износ од по 175 милиони евра. 

На веб страницата на ЕУ на 22 декември беше објавен тендерот за избор на изведувач на третата делница  од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до бугарската граница на Коридорот 8, на кој понуди може да се доставуваат до 28 март следната година. За оваа делница во тек е и процесот за избор на надзорен инженер и на консултант за техничка помош на инвеститорот (ЖРСМ Инфраструктура). 

-Се очекува  во првиот квартал 2024 година да се избере консултант за техничка помош, во вториот квартал  надзорен инженер, додека пак тендерската постапка за избор на изведувач  да се заокружи во третиот квартал на 2024 година. Според оваа динамика, активностите на терен би започнале во 2025 година за што повеќе детали ќе се  има по одобрување на динамичниот план на изведувачот, изјавија за МИА од ЈП ЖРСМ Инфраструктура.  

Новата железничка делница е проектирана во должина од 23,4 километри, а ќе се градат и 22 тунела, вклучително и еден на граничниот премин), 52 мостови/вијадукти, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово. 

Постапката за експорпријација за оваа делница е во тек, а досега се завршени 60 проценти, претежно во руралните средини. Рокот за изградба, според тендерот, е пет години.  

Средствата во износ од 560 милиони евра, како проценета вредност за оваа делница се веќе обезбедени, со грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ  од по 175 милиони евра.  

На првите две делници Куманово-Бељаковци и Бељаковци-Крива Паланка се во тек градежни активности, кои, според надлежните се одвиваат согласно договорената динамика со изведувачите Ѓулермак и Штрабаг.  

Делницата Куманово до Бељаковце е изградена над 45 проценти и според оваа динамика, Министерството за транспорт очекува да биде пуштена за сообраќај во октомври следната година. За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка прогресот на работи е над 18  проценти, таму, посочува Министерството, изведувачот ги надмина сите предизвици и според договорниот рок се очекува да биде завршена во февруари 2026 година. Инвестицијата за првите две фази изнесува околу 200 милиони евра. 

Со грант ќе се ревидира основиот проект на западното железничко крило на Коридор 8

За изградбата на западниот дел од железницата на Коридор 8, формирана е работна комисија за постапките за изградба и на овој дел од пругата. Треба да се реализира во две фази, од Кичево до Струга и од Струга до границате со Албанија.

-Во овој момент комисијата работи на апликација за грант средства до КОНЕКТА кои ќе бидат потребни за да се направи ревизијата на основниот проект. МФ работи на преговори со меѓународни институции за финансирање за изградба на овој западен коридор, информираат од ресорното Министерство.

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива  Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри.

На нашиот железнички сектор треба да му се случи и регионалниот проект за брза пруга од Скопје до Ниш. По потпишувањето на Меморандумот за изградба на железничка мрежа со високи перформанси на Коридор 10, од Табановце до Скопје, и нова линија до Меѓународниот аеродром Скопје,  веќе е формирана работна група и по изборите во Србија треба да  продлжат активностите мегу двете министерства.

На нашиот дел ќе се гради нова траса од ГП Табановце до Скопје со крак до аеродромот во Скопје, а динамиката на работа и средствата треба да ги утврди работната група. Упатено е барање и до грчкото Министерство за транспорт за вклучување во овој проект. На грчките железнички власти и железничкото инфраструктурно претпријатие се чека и за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу двете држави преку Меџитлија. Од наша страна  пругата е изградена  и на техничко ниво двете железнички инфраструктурни претпријатија треба да утврдат идни активности.

Лидија Велковска  

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан