Охрид ја чествува 120-годишнината од загинувањето на војводата Христо Узунов
- Со пригодна манифестација денеска во неговата родна куќа во Охрид му беше оддадена почит на великиот револуционер, бескомпромисниот борец за слободна Македонија, војводата Христо Узунов.

Охрид, 23 април 2025 (МИА) – Со пригодна манифестација денеска во неговата родна куќа во Охрид му беше оддадена почит на великиот револуционер, бескомпромисниот борец за слободна Македонија, војводата Христо Узунов.
Пред присутните на собирот се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој во оваа прилика потсети на непоколебливата одлучност на Узунов да се жртвува животот за доброто на татковината.
- Таа жртва ги надминува границите на просечноста и го воздигнува ликот на Узунов на небото на општочовечкиот копнеж и општочовечката борба за слобода. Тој е симбол за македонскиот опстој и непокор, пример за највозвишен хероизам и саможртва, синоним за стоицизам на човек, кого не го поколебаа ни најужасните искушенија и не го згаснаа кај него исконскиот револт кон неправдата која му се нанесуваше на македонскиот народ, тој е синоним за човечкиот отпор, за доблесноста, човечноста, за одлучноста да се истрае во борбата за идеалите, да не се потклекне и да се истрае се до последниот здив во вербата и борбата за слободна Македонија, рече Пецаков.
За личностите како Узунов Пецаков рече дека се вистински столбови на македонскиот нескршлив дух, на македонскиот иднтитет и на македонскиот национален и културен опстој.
- Тие се глогов кол во срцето на бескрупулозните пропаганди на соседните држави во обидите да го негираат, да го потиснат и уништат мекедонското неколкуилјадно национално, историско и културно живеење на овој простор, посочи Пецаков.
Чествувањата по повод 120-годишнината од погибјето на Узунов во Охрид продолжуваат вечерва со свечена програма по повод патрониот празник на основното училиште во градот што го носи неговото име.
За утре во 10 часот е предвидено полагање цвеќе пред спомен-бистата на Христо Узунов во Градскиот парк, а делегација на Општина Охрид ќе присуствува и на панихидата што од 11 часот ќе се служи во кичевското село Цер, местото каде на 24 април 1905 година загина охридскиот војвода. аб/нд/
фото/Општина Охрид