• вторник, 24 декември 2024

Охрид подготвен за најмасовната верска манифестација во земјата, празнувањето на Богојавленскиот водосвет

Охрид подготвен за најмасовната верска манифестација во земјата, празнувањето на Богојавленскиот водосвет

Охрид, 19 јануари 2024 (МИА) – Во Охрид денеска ќе се одржува најмасовната верска манифестација - традиционалното положување на Чесниот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление - Водици.

Чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на Чесниот крст ќе биде во 10 часот кај Градското пристаниште. На фрлањето на крстот ќе му претходат свечени литургии по повод празникот што се одржуваат од изутринава во сите парохиски цркви, по што околу 9:30 часот литиите поаѓаат кон Градското пристаниште.

Пријавени се речиси илјада верници и тоа не само од Охрид и околните места, туку и од многу други градови од целата држава, поединци и од соседните земји.

Верскиот дел од чествувањата ќе биде заокружен точно на пладне на Сараиште, со масовно крштевање во осветените езерски води.

Што се однесува на световниот дел од манифестацијата, што е во организација на Општина Охрид, градот е веќе свечено украсен, централното градско подрачје и пристаништето се закитени со зеленило и верски знамиња. Согласно предвидените активности, веќе е исчистен делот од езерото и Кејот од каде верниците ќе влегуваат во езерото.

За безбедноста на оние што ќе влегуваат во вода ќе се грижат екипи од нуркачките клубови од градот, како и на општинската организација на Црвениот крст, од каде апелираат на почитување на препораките да не се влегува во вода доколку се почувствува слабост или каков било здравствен проблем, потоа да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, да не се задржуваат долго во водата и да имаат обезбедено сува и топла облека после излегување од вода.

Според последните мерења, температурата на водата е околу осум степени Целзиусови, што е доста ниска температура и налага претпазливост и внимателно и одговорно однесување.

Што се однесува до безбедното и непречено одвивање на манифестациите по повод верскиот празник Богојавление-Водици, Секторот за внатрешни работи Охрид спроведе мерки на превентивен и оперативен план, насочени кон зачувување на стабилната безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, за спречување на казнени дела и безбедност во сообраќајот

Според најавите, забрането ќе биде движење со моторни возила на булеварот „Македонски Просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон „Кеј Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ како и улицата „Коста Абраш“. Забрането ќе биде запирање и паркирање моторни и други возила на кружниот тек кај градското пристаниште и на плоштадот „Крушевска Република“. Присуство на полициски службеници во патролни чамци ќе има и од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.

За добро расположение и забава на гостите во Охрид, на градскиот плоштад ќе одржат концерт уметниците од групата „Некст тајм“.

Празнувањата на Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со „Денот на рибарите“ на самиот празник посветен на Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна карактеристична за трпезите на овој празник.

Поради епидемијата на коронавирусот не се одржа најмасовната верска манифестација во земјата, осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на Чесниот крст по повод празникот Богојавл

Со капењето на рибарите своевремено се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Инаку, празнувањето на верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан