• петок, 22 ноември 2024

Охрид домаќин на седмиот „Охридски поетски бисер“

Охрид домаќин на седмиот „Охридски поетски бисер“
Охрид, 25 јуни 2022 (МИА) – Во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ денеска се одржува 7. меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер“, во организација на истоименото Здружение за литература и култура, а со поддршка на Општина Охрид. Учествуваат 60-тина поети од земјава и странство, а целта е меѓународна промоција на поетската реч, македонскиот јазик и македонската литература, но и на градот и државата. Советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева – Силјановска на отворањето на манифестацијата забележа дека поезијата е мост меѓу луѓето и космосот. - Поезијата постојано се менува и моделира, ја пееле, бардови, шамани и брамани и таа секогаш ја отсликува слободата на изразувањето и преобразувањето и токму затоа поетските супстрати лесно ги насетуваме и во другите книжевни и уметнички облици. Поезијата е таа која не носи во други Светови, ни помага да „нурнеме“ во своите соништа да ги оствариме замислените желби. Таа веројатно е подолгорочна од времето затоа што постоела во минатото, сегашноста и иднината, рече Тодева - Силјановска. Поетските гласови, истакна, чекаат да оддекнат во нашите интимни простори, а поетските слики – да бидат изложени во нашите внатрешни галерии. Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ е дел од културните настани во програмата за активностите на Општина Охрид во областа на културата за 2022 година.сс/бт/

Остани поврзан