Охрид во пролетен амбиент ги пречекува гостите за Новогодишните празници
- Последните часови од старата 2024 година што изминува Охрид ги минува во знакот на завршните подготовки за што подобар пречек на гостите што тука ќе ја минат највеселата ноќ.
Охрид, 31 декември 2024 (МИА) – Последните часови од старата 2024 година што изминува Охрид ги минува во знакот на завршните подготовки за што подобар пречек на гостите што тука ќе ја минат највеселата ноќ.
Градот е свечено украсен, особено централното градско подрачје, Плоштадот и Кејот на Охридското Езеро, каде уште од вчера е забележителна празничната раздвиженост, пред се поради гостите кои со голем број автомобили и автобуси пристигнуваат за тука да ги минат овие празнични денови.
За добро расположение кај гостите секако придонесува сончевото време со температури далеку над нулата и речиси пролетен амбиент, така што уште во текот на денот терасите од кафулињата и рестораните се полни со посетители. Празничната раздвиженост се чувствува и во Чаршијата, Кејот и уличките што водат кон атрактивните локации за фотографирање и културно-историски споменици во градот.
Новата 2025 година хотелите и сместувачките објекти на Охридската ривиера ќе ја дочекаат со речиси исполнети капацитети и распродадени аранжмани уште пред речиси две седмици. Најбројни и овојпат за новогодишните празници ќе бидат гостите од соседните земји, кои традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници, пред се поради автентичниот амбиент и добрата забава.
Во Охрид ќе има и домашни гости, но, пред се оние кои имаат свои станови и куќи.
За добра забава на отворено вечерва ангажирани познатите уметници Каролина Гочева и Наум Петрески и миленикот на помладата генерација охриѓанецот Пајак, кои ќе настапуваат на Градскиот плоштад. Забавата на отворено за гостите во Охрид ќе започне од 20 часот со настапите на ди-џеите Гец и Фејс како и членовите на бендот „Take 5“. аб/сст/
фото/МИА