• понеделник, 23 декември 2024

Отворен повик на РЕАД за доделување субгрантови за граѓански организации

Отворен повик на РЕАД за доделување субгрантови за граѓански организации
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) - Отворен е повикот за доделување субгрантови на граѓански организации од Северна Македонија, Албанија, Кососво, Србија и Турција, во рамки на регионалниот проект Регионална мрежа за културна разновидност – РЕАД поддржан од Европската Унија. Повикот ќе биде отворен до 15 јануари 2022 година. Од Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД информираат дека само една апликација од секој апликант ќе биде земена предвид и апликантите треба да бидат: непрофитни граѓански организации; директно одговорни за подготовката и менаџментот на проектот заедно со коапликантите, да се регистрирани во Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција, најмалку шест месеци пред датумот на објавување на овој повик и да се активни во една или повеќе од тематските подрачја кои се од важост за овој Повик за предлог проекти. Оттаму посочуваат дека овој отворен повик за предлог проекти се објавува за организации од петте партнерски земји кои можат да аплицираат за финансиска поддршка за разновидни културни и уметнички иницијативи со цел да се зголеми пристапот и свеста за литературата и културата во регионот. При вториот повик за аплицирање ќе се поддржат околу 30 граѓански организации од Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција. Граѓанските организации се многу важни за успехот на овој проект, бидејќи тие имаат значително влијание врз културата и промените во општеството. - Повикот е поделен на две посебни категории: 1. Поддршка на интеркултурни проекти има за цел промовирање на меѓукултурна соработка во регионот. Целта е поддршка на голем број грас рут културни иницијативи низ горенаведените земји и промовирање на нивното вмрежување и соработка. Поддршката треба да ги покрие трошоците поврзани со литературните уметности и уметници, разни други културни и уметнички иницијативи, вклучително и музика, театар, аудио и видео продукција, мултимедија и други активности за промовирање на меѓукултурна соработка во регионот. Соработката помеѓу најмалку две држави кои учествуваат на проектот ќе се смета како предност. Максималниот износ за поддршка на интеркултурни проекти е 3.000 € по грант. Особено се охрабруваат проекти од младински организации. 2. Поддршка на повеќејазични проекти има за цел да ја поддржи регионалната дифузија на литературни дела од и во целните земји. Очекуваниот резултат од предложените проекти е превод, во комбинација со презентација и промоција на регионална литература. Поддршката од овој повик ќе го надополни и значително ќе го зголеми меѓу-регионалниот превод на автори од целните земји. Грантот ги покрива трошоците поврзани со превод, дизајн, печатење и промоција на регионална литература. Поддржаните проекти ќе бидат охрабрени да создадат синергија со нашата мобилна библиотека, како и со фестивалите кои се организираат во рамки на проектот. Максималниот износ за поддршка на повеќејазични проекти изнесува 2.000 € по грант, потенцираат од РЕАД. Регионалната мрежа за културна разновидност е регионален проект финансиран од ЕУ, со цел да им овозможи на граѓанските активисти да ги зајакнат демократските вредности и да придонесат кон интеркултурна толеранција со посебен фокус на младите. Проектот се имплементира од страна на Гете-институт Скопје со партнерските организации Центар за балканска соработка - Loja (Северна Македонија), Асоцијација Крокодил (Србија),  Институт за книги и промоција (Албанија), Калем културна асоцијација (Турција) и Центар за мултимедија (Косово). Проектот започна на 1 септември 2020 и ќе трае до 31 август 2024 година. Повеќе информации во врска со Отворениот повик за апликации може да се најдат на следниот линк. фф/сп/

Остани поврзан