• сабота, 23 ноември 2024

Отворен Музеј за ретки минерали во Пробиштип

Отворен Музеј за ретки минерали во Пробиштип
Штип, 30 јуни 2021 (МИА) - Во Пробиштип денеска свечено е пуштен во употреба Музеј на ретки минерали, единствен во земјава. Општината која е препознатлива по рударството, отсега ќе има и Музеј во кој ќе биде изложена импозантна збирка со над 250 експонати, односно минерали како од регионот, така и од цел свет.  Според Градоначалникот на општината, Драган Анастасов со овој музеј ќе се овозможи развој на туризмот, но и бенефит од едукативен аспект во источниот регион. - Она што следува е предавање на објектот под управување на Домот на култура „Злетовски рудар", којшто во соработката со Министерство за култура ќе ги спроведе следните чекори за начинот на работа и непречено функционирање на Музејот, вели Анастасов. На отварањето присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и  директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Зујица Ангелов. Министерот за локална самоуправа, Милевски истакна дека му е задоволство што денеска се финилизира проектот и може да се пушти во употреба. - Сега за првпат во Пробиштип имаме ваков Музеј, кој ќе биде и единствен во државата, а во кој ќе бидат изложени ретки минерали од цела држава, а ова ќе биде единствено место, каде што учениците и сите туристи ќе можат да ги видат богатствата на оваа држава. Со задоволство ги финансиравме овој проект, вели Милевски. Вкупната инвестиција за изградба на Музејот на ретки минерали е 9,2 милиони денари, од кои 62 проценти се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој, а останатите средства од буџетот на општината. вдј/свс/

Остани поврзан