Отворен ден на средните тетовски училишта, за новата учебна година имаат 2167 слободни места
- Општина Тетово организираше Отворен ден во соработка со средните училишта со цел да се претстават насоките и профилите за кои учениците би се пријавиле да се запишат за наредната учебна 2025/2026 година. Градоначалникот Биљал Касами информираше дека нова насока има во средното економско училиште „8 Септември“.
Тетово, 8 мај 2025 (МИА) - Општина Тетово организираше Отворен ден во соработка со средните училишта со цел да се претстават насоките и профилите за кои учениците би се пријавиле да се запишат за наредната учебна 2025/2026 година. Градоначалникот Биљал Касами информираше дека нова насока има во средното економско училиште „8 Септември“.
Како што рече Касами, има зголемување на бројот на места за упис на ученици во средните училишта во Тетово, вкупно 2167 - од кои 1800 за настава на албански јазик, 337 на македонски јазик и 30 места за турски наставен јазик.
-Во средното економско училиште има нова наставна програма - дигитален маркетинг која е добра можност за да бидеме во тек со барањата на пазарот на трудот. Ги замолуваме сите ученици добро да ги анализираат наставните програми и да се запишат таму каде што ќе биде подобро за нивната иднина, а не затоа што некој им кажува во кои училишта да се запишат, истакна градоначалникот Касами.
На Отворениот ден учествуваа пет средни општински училишта, едно државно регионално училиште и едно приватно училиште.
- Ова е добра можност за сите овие училишта да ги промовираат своите наставни програми пред учениците. Но, истовремено е добра можност да се направи на промоција на тие насоки кои не се многу познати за учениците, а се добри и барани на пазарот на трудот, затоа училиштата се обидуваат да ги промовираат тие насоки. Исто така, ова е добра можност за да направиме добро планирање на распределба на учениците по средните училишта, за да не доаѓаме до ситуација во некои од училиштата да има пренатрупаност на ученици, а во некои други да има недостиг од ученици, рече тетовскиот градоначалник.
Тој најави дека од следниот месец ќе почне реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, објектите кои се до реката, со донација од 800 000 евра, со што целосно ќе бидат реконструирани двата училишни објекта. ас/хс/
Фото: МИА