• сабота, 21 декември 2024

Отворена 14. Штипска пастрмајлијада

Отворена 14. Штипска пастрмајлијада
Штип, 23 септември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Штип Иван Јорданов и евроамбасадорот Дејвид Гир ја отворија 14. Штипска пастрмајлијада, после две години пауза. -Прекрасно е чувството да се биде на оваа манифестација после две години. Очекуваме рекордна посетеност затоа што нудиме највкусна пастрмајлија и добра забава. Очекувам оваа вечер да се срушат рекорди во конзумирање на пастрмајлија и нормално Штип да биде епицентарот на Македонија, рече Јорданов. Евроамбасадорот Гир изрази, како што кажа, огромно задоволство што е вечерва во Штип на пастрмајлијадата. -Градоначалникот ми кажа дека патрмајлијата е најдобра во земјата и решив да дојдам и да ја пробам и сигурен сум дека ќе биде прекрасна. Ова е една преубава македонска традиција. Мислам дека ние од ЕУ можеме да научиме нешто од неа, дури може да имаме и пастрмајлијада во ЕУ и да научиме нешто од Штип, рече евроамбасадорот. Тој, како што кажа, пробал пастрмајлија летото, ама, вели, тоа било погрешно време да се проба. Најголемата патрмајлија на годинашнава манифестација е со димензии два метри на метар и десет сантиметри. За неа се употребени десет килограми свинско месо и петнаесет килограми тесто, како и два литри масло. Печена е во едно парче. Годинашново издание на Штипската пастрмајлијада се одржува вечерва и утре на кај крстосницата „Дујле“. Организаторите и спонзорите имаат подготвено богата програма. вдј/ев/  

Остани поврзан